Британија нема да ги гони онлајн кавгаџиите како криминалци

Британската полиција повеќе нема да истражува „инциденти од омраза“, освен ако не се поврзани со криминални дела, и ќе ги избрише од своите евиденции илјадниците досегашни случаи. На полицајците што досега трошеа по 60.000 часа годишно за да бараат омраза во секој твит ќе им се ослободи скапоцено време да бркаат вистински криминалци и да ги обезбедат граѓаните.

Предлог-законот, кој има поддршка од министерката за внатрешни работи, е реакција на масовните критики од јавноста дека со евидентирањето на „инцидентите на омраза“ се поткопува уставното право на слобода на говор, а и непотребно ги оптоварува полициските служби, кои треба да се посветат повеќе на борбата против реалниот криминал.

Според иницијативата, сите полицајци ќе добијат листа со проверки „врз основа на здрав разум“ што ќе треба да ги направат пред да преземат каква било интервенција во расправии поради твитови или навредливи коментари. Ќе се евидентираат само најсериозните антисоцијални однесувања и нема да се бележат во базите за криминал, туку ќе се третираат како разузнавачки извештаи.

Активистите за слобода на говорот инсистираат досиејата целосно да бидат избришани од полициските архиви. Документите класифицирани како разузнавачки податоци вообичаено се чуваат шест години заради проверки во системот за пристап до услуги (DBS). Системот се користи кога се проверуваат луѓе што аплицирале за работа што вклучува контакти со деца или ранливи лица - настава, грижа за деца или социјални услуги.

Во евиденцијата ќе останат најмалку 100.000 досиеја за инциденти од омраза, колку што се собрани во изминатите шест години. Овие луѓе сè уште ќе може да бидат откриени преку проверките на DBS. Ако не се одговорни за криминал, нема зошто да бидат проверувани, предупредува лордот Јанг, основач на Унијата за слобода на говорот. 

Истражувања покажуваат дека работата на инциденти од омраза им одзема повеќе од 60.000 работни часа годишно на полициските служби. Во текот на изминатата година имало повеќе од 13.000 вакви случаи евидентирани од полицијата

Министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд изрази поддршка на иницијативата. 

Полицајците треба да ја контролираат безбедноста на нашите улици, а не да ги проверуваат можните правни последици од твитовите на социјалните мрежи, им порача неодамна министерката на полициските началници.

24 декември 2025 - 14:58