Владата на Стармер потрошила над милион фунти на инфлуенсери

Британската влада целосно ја менува стратегијата во односите со јавноста. Ги укинува вообичаените брифинзи со новинари и засилено ангажира инфлуенсери за да допре до младите генерации, кои се активни по социјалните мрежи и не гледаат телевизија. На влијателните мегафони што не поставуваат незгодни прашања биле потрошени над 1 милион фунти.

Во текот на 2024 година британската влада ангажирала 89 инфлуенсери, а годинава 126. Пораките ги ширеле претежно преку ТикТок, за да допрат до помладите генерации.

Најголем трошок од 350.000 фунти направило Министерството за образование, кое оваа година им платило на 53 инфлуенсери, двојно повеќе во споредба со лани. Високи суми потрошиле и министерствата за внатрешни работи, за одбрана и за труд, кое годинава им платило 120.023 фунти на осум инфлуенсери за да ја шират кампањата за услугите достапни до ранливите семејства. Министерството за правда користело 12 инфлуенсери на социјалните медиуми за кампањи за вработување затворски службеници.

За време на климатскиот самит КОП30 во Бразил, научникот Сајмон Кларк пред своите 73.000 следбеници на Инстаграм емитувал разговор со премиерот Стармер. Активистката позната како Mother Pukka, во јули пред 444.000 следбеници објавила разговор со министерката за образование Бриџит Филипсон за неуспесите на англискиот систем за грижа за деца.

Во исто време владата ги намалува контактите со новинарите од етаблираните медиуми. Тим Алан, директорот за комуникации на кабинетот на премиерот Кир Стармер, најави дека во идната година двојно ќе се намали бројот на дневни брифинзи. Целосно е укинат попладневниот брифинг, на кој новинарите можат да поставуваат прашања на која било тема, а утринскиот понекогаш ќе биде заменет со прес-конференција ограничена за специјализирани новинари и креатори на содржини на социјалните медиуми.

Новинарски здруженија тврдат дека овој потег ќе го ограничи пристапот до информации и ќе се избегнат сериозни оспорувања на контроверзни политики од стручни новинари.

Сем Фиск од агенцијата за односи со јавноста Танџерин, ја оценува новата стратегија на владата да го привлече вниманието на младите гласачи, кои немаат трпение да гледаат како министри кажуваат извежбани политички фрази.

Јавноста сака да слушне автентични гласови. Ова е паметна промена со оглед на падот на гледаноста на телевизијата. Предизвикот е да се испорача навистина квалитетна содржина. Не е лесно да се задржи вниманието на генерацијата Z на владина реклама, додава Фиск.

25 декември 2025 - 12:50