Директори на автомобилските компании во САД и во Европа предупредуваат дека брзината на спроведување на проектите, од работната маса па до излезот од фабричката хала, е клучен фактор за да се опстане на пазарите. Брзиот развој на технологијата наметнува постојано претставување нови модели, прилагодени на истенчените потреби и вкусови на купувачите.
За да се приближат до просечниот циклус на развој на автомобили од 18 до 20 месеци во Кина, традиционалните производители на автомобили се свртеа кон дигитални алатки за виртуелен дизајн и тестирање. Но, поголемата промена е културната: Европа и САД учат од Кинезите.
Ако ви требаат пет години за да развиете автомобил, кога тој ќе се појави на пазарот, веќе сте мртви. Затоа мора да бидете брзи, предупредува Лоренс Ноел, раководител на автомобилскиот оддел во консултантската куќа „Капџемини“.
Џим Баумбик, раководител на Форд за Европа, вели дека BYD и другите кинески производители постигнале брзина со користење на универзални делови. Иако нивните нови модели можеби не изгледаат многу различно од претходните верзии, позначајните промени се наоѓаат во софтверот и другите дигитални технологии.
Рено црпи искуства од своето дизајнерско биро во Шангај, во кое го разви новиот целосно електричен модел Twingo. Центарот за напреден развој на Кина има околу 150 локални инженери и други специјалисти.
Во Европа, од моментот кога ќе дизајнирате некој дел, тој мора да помине долг пат додека не стигне во вашата рака. Морате да контактирате со добавувачот, да поднесете понуда, а ова може да трае од еден до три месеци. Во Кина, добавувачите се навикнати да ги прават деловите на лице место, па тоа одземаше половина од времето, вели Виторио д’Ариенцо, директор во одделението за електрични автомобили.
На таков начин, Twingo бил развиен за 21 месец, а новиот мини автомобил Dacia Hipster, користејќи ја истата платформа, ќе биде уште побрз, за само 16 месеци.