Дуров: Макрон ја претвора Европа во дигитален гулаг

Основачот на платформата Телеграм го обвинува францускиот претседател Макрон дека со агресивни политики за цензура и со мерки за масовно надгледување настојува да ја трансформира Европа во „дигитален гулаг“. Ова завчера го порачаа и САД, со воведувањето санкции за поранешниот француски еврокомесар Бретон поради воведување цензура.

Соочен со ултраниски рејтинзи на одобрување од јавноста, Макрон се обидува да ги замолчи критичарите на интернет со тоа што ја претвора целата ЕУ во дигитален гулаг, преку цензура со Законот за дигитални услуги (DSA) и со масовен надзор на комуникациите на социјалните платформи преку регулативата Chat control, порача Павел Дуров, основачот на популарната платформа Телеграм.

Тој потсети на изјавата од Макрон дека Европејците „целосно грешат што ги користат социјалните мрежи за информации“ и наместо тоа треба да зависат од новинарите и етаблираните медиуми.

Дуров тврди дека главниот инструмент на Макрон во кампањата за замолкнување на критичарите низ цела Европа бил поранешниот еврокомесар Тиери Бретон, кој од завчера е под американски санкции поради цензурирање на американската слободна мисла.

Бретон се смета за главен автор на Законот за дигитални услуги (DSA), кој бара од големите технолошки платформи да преземат значајни чекори за намалување на нелегалната и штетна содржина. Законот ги стави под директен надзор на ЕУ големите онлајн платформи, вклучувајќи ги Алфабет, Амазон, Епл, Бајтденс, Мета, Микрософт и Икс, и им наметна строги обврски за следење и отстранување на нелегална содржина, транспарентност на нивните алгоритми и практики за модерирање на содржината и соработка со европските власти.

Непочитувањето може да резултира со огромни казни до 6% од глобалните годишни приходи, што ѝ дава на регулативата значителна моќ во спроведувањето.

Макрон лично го поддржа назначувањето на Бретон во Европската комисија и продолжи да го поддржува како француски комесар дури и кога критиките кон DSA се зголемуваа. По објавувањето на забраната за визи во САД, Макрон изјави дека Франција „цврсто ќе се спротивстави на притисокот“ и „ќе ги заштити Европејците од американска принуда“.

Нагласената референца на Дуров дека Макрон се соочува со „ултраниски рејтинзи“ допира до чувствителна политичка реалност за францускиот претседател. Во 2025 година, рејтингот на Макрон не надмина 30%. Овие бројки одразуваат широко незадоволство на јавноста од неговото справување со домашните прашања, од протестите за пензиската реформа до економската стагнација и политичкиот застој во Националното собрание.

Дуров го критикува и планот на Европската комисија Chat control, со кој се бара масовно скенирање и надзор на сите дигитални комуникации и пораки во Европа. Мерките за борба против сексуална злоупотреба на деца, познати како Регулатива CSAM, ќе бара од услугите за пораки и е-пошта да воведат автоматско скенирање на фотографиите, видеата и линковите на корисниците пред да се примени енкрипцијата. Застапниците за приватност тврдат дека ова создава „задна врата“ што може да ја искористат злонамерни актери или авторитарни влади, а истовремено овозможува масовен надзор на приватните комуникации.

Енкрипцијата од крај до крај, технологијата што осигурува дека само испраќачот и примачот можат да читаат пораки, стана стандард во популарните услуги за пораки, вклучувајќи ги WhatsApp, Signal и Telegram. Оваа енкрипција ги штити новинарите што комуницираат со извори, дисидентите што се организираат против авторитарните режими и обичните граѓани што дискутираат за чувствителни лични прашања.

25 декември 2025 - 09:06