Кансел културата стигна и во Босна

Станала Билјана Србљановиќ на крива нога и решила дека жртва на денот треба да биде покоен Химзо Половина а дека неговото кривично дело е замотано во севдалинка од којзнае кој век. Или пак, станала, се прашала што денес не чини на планетава и ѝ дошло: „Аха, Суљагина Фата!“ Оф мори мајко. Ајши, ајша, блесава жена та, Србљановић Биљана.

Темата ја отвори српската писателка Билјана Србљановиќ која на својот Фејсбук профил напиша дека севдалинката „Прошетала Сулјагина Фата“ го велича силувањето.

„Од помалку познатите научни сознанија за денес издвојуваме: „Прошетала Сулјагина Фата“  е севдалинка за силувањето. Доктор Половина инаку беше лекар, невропсихијатар и добро разбираше за што пее. Продолжете со редовните активности“, напиша Србљановиќ.

Босанскиот филозоф и социолог Есад Бејтал не мисли така, особено што севдалинката се раѓа пред 4,5 векови, во време кога на дело е силна исламска моралистика.

„Кога момците и девојките во тоа време играле оро, не се држеле директно за раце туку меѓу нив имало марамче како не би дошло до допир меѓу нив. Допир меѓу нив би ја ускратил неа од шансата да се омажи, освен за оној кој ја допрел. Тоа некои мангупи знаеле да го искористат па инсценирале сцени во тесни сокаци а доволен им бил еден сведок. Само дотаму можело да се оди. За силување не можело ни да се размислува во контекст на така тврди морални правила и пракса,“ вели тој.

За Србљановиќ веројатно во песната е спорен овој дел:

Haj, prevari se Suljagina Fata

Haj, prevari se, žalosna joj majka

Uđe Fata u magazu sama

Za njom uđe Mujo, zamandali vrata

Hej, za njom Mujo zamandali vrata

Бајтал потсетува дека на девојките во османлиско време не им било дозволено да се движат без придружба. Ако Фата сепак успеала во тоа, не значи дека дечкото ја присилил на неморален чин.

„И да влегла сама, тогаш тоа било доброволно. Не значи дека Мујо ја избуткал внатре. Овде се работи за комплетно непознавање на таа епоха и сосема погрешна интерпретација.“

Социологот објаснува дека севдалинката честопати е пуста желба, фантазија која не се предава пред стварноста. Зборот е роден од желбата и тој е замена за стварниот настан. Се работи за уживање во говорењето за уживање, вели Бејтал потсетувајќи дека доколку навистина се работело за силување, сигурно би паднала некоја мртва глава. 

„Доаѓаме до клучната точка: имам право да толкувам како сакам бидејќи материјалот едноставно е таков да дозволува интерпретации. Меѓутоа, да имаш право и да бидеш во право се две сосема различни работи.“

Едвај чекаме да видиме кога нашите Биљани Србљановиќ ќе му се с'снат на Војдан Чернодрински (знаете ли што сè има кај него?), да плетат есеи како честиот стих од народните песни „твојта рамна снага“ е всушност „боди шејминг“ (јер девојката има мали гради) или како галичката „Филизо моме“ е злоупотреба на наивната девојка со цел идно самозадоволување на машкиот јунак.

Да видиме дека е така:

Филизој моме, Филизо
малој моме,
излези на пенџерето, ај
да ти го видам лицето.

Да ти го видам лицето,
малој моме,
што лице носиш на тебе, ај
дали прилега за мене.

На слика да го сликувам,
малој моме,
в' тефтерот да го наредам, ај
в' тефтерот да го наредам.

В' тефтерот да го наредам,
малој моме,
за кога да одам на војска, ај
за кога да одам на војска.

Ко ќе ми текне за тебе,
малој моме,
тефтерот да го отворам, ај
меракот да ми помине.

Ајмо!

***********

Види и:

Сеќавање на Химзо Половина: Докторот кој лечеше со севдах

24 мај 2021 - 21:38