Органоидите воопшто не се обични „мозоци во тегла“. Создадени од клетки на кожа на едно лице верно ги носат генетските мутации кои би можеле да предизвикаат невроразвојни нарушувања. Лабораториски одгледуваните парчиња обезбедуваат речиси бесконечен извор на нервно ткиво за трансплантација, кое во теорија би можело да помогне во лекување по мозочен удар или други трауми. Во раните студии, органоиди трансплантирани во мозоци на глодари формирале невронски врски со резидентни мозочни клетки.
Со напредокот на технологијата ограноидите созреваа и истражувачите ги насочија да растат структурни слоеви со крвни садови кои грубо го имитираат кортексот - делот од мозокот задолжен за расудување, работна меморија и други когнитивни задачи. Овие „франкенштајнови творби“ доловуваат како мозокот ги контролира телесните функции - и кога тие врски тргнуваат наопаку.
Како што мозочните органоиди стануваат сè посложени и го доловуваат клеточниот и структурниот состав на мозокот, така се зголемија и етичките загрижености за нивната употреба. Тие се направени од нервно ткиво, кое е основа на меморијата, емоциите, сензациите и свеста.
Дали би можеле да почнат да чувствуваат болка? Користени во биокомпјутерите, дали би можеле да покажат знаци на интелигенција? Дали е етички да се имплантираат човечки мини мозоци во животни и да ги замаглат границите помеѓу човек и животно?

Нема никакви докази докази дека мозочните органоиди во изминатите пет години стекнале способност да размислуваат или да чувствуваат. Но, научниците не можат да ја игнорираат можноста дека во одреден степен би можеле да развијат некаков вид „сензација“, како што е болка.
Тимот на Серџу Пашка од Стенфорд поврзал сензорни неврони, спинални и коретксни органоиди со делови од мозок задолжени за болка. Надразба на сензорите создала бранови на синхронизирана невронска активност, што сугерира дека вештачкото ткиво ги детектирало стимулите и ги пренело информациите.
Тоа не значи дека почувствувало болка. Детектирањето на болката е само дел од приказната. Потребен е втор невронски пат за да се предизвика непријатното чувство. Но, експериментот и другите ја нагласуваат потребата од регулација.
На конференција на експерти во ноември било предложено да се создаде Комисија што ќе го следи напредокот во областа и ќе обезбеди надзор што ќе ги балансира научните вредности со потребите на пациентите.
Со строга контрола во иднина би можело да се создадат нови терапии, особено за луѓе со ретки генетски нарушувања, како синдромот Тимоти кој доведува до аутизам, епилепсија и често фатални срцеви удари. Лабораториски експерименти кај глодари покажале ветувачки резултати, па се планира да се поднесе предлог за клинички испитувања идната година.