Да, некои деца можеби починале од вакцини против ковид

Како можат медицински професионалци да дискутираат за „поволниот однос“ на ризик и корист на вакцините против ковид ако не се подготвени да го признаат нивниот најлош ризик? Со оглед на познатите факти, системот за јавно здравство треба да ги признае разумните докази за ризикот и да создаде стратегија за минимизирање на трагичните исходи, колку и да се ретки.

Фото: ЕПА

Винај Прасад, главниот регулатор за вакцини во САД, го шокираше здравствениот естаблишмент со тврдењето дека се идентификувани најмалку десет деца што починале од вакцини против ковид.

Администрацијата за храна и лекови прв пат ќе признае дека вакцините против ковид-19 убиле американски деца, напишал Прасад во белешка до неговиот персонал што протече до јавноста.

Тврдењето на Прасад предизвика брза серија побивања. Дванаесет поранешни комесари на ФДА го нарекоа меморандумот на Прасад „закана за политиката за вакцини заснована на докази и безбедноста на јавното здравје“. Други лекари и научници изјавија дека „апсолутно никакви докази не ги поврзуваат вакцините против ковид со смртта кај децата“, дека Прасад е во „мисија за производство на докази“ или, уште полошо, во „кампања на лажење“.

Прасад сè уште не понудил документација за да го поткрепи своето тврдење и може да се покаже дека е преувеличен бројот на смртните случаи. Но, вознемирува и фактот дека во реакциите на неговиот меморандум целосно се негира можноста за смртни случаи поврзани со вакцината против ковид, забележува докторот Бенџамин Мазер, специјалист за патологија и лабораториска медицина

Идејата дека вакцините базирани на mRNA убиле многу мал број деца не е нереална. Таа исто така не имплицира катастрофална закана за јавното здравје, со оглед на тоа што десетици милиони дози од овие вакцини безбедно им се дадени на млади луѓе. Несакани реакции се можни со сите медицински интервенции. Познато е дека вакцините базирани на mRNA, особено оние произведени од Фајзер и Модерна, може да предизвикаат воспаление на срцето кај тинејџери и млади мажи.

Многу мејнстрим експерти го користат наративот на скептиците за ковид од врвот на пандемијата. Пред пет години, скептиците прашаа: „Дали илјадници американски деца навистина беа хоспитализирани поради ковид, или од некоја друга причина и случајно имале ковид?“. Сега добиваме слично прашање: „Дали тинејџерите што починаа откако ги примија вакцините од Фајзер починаа од вакцинација против ковид, или случајно умреа од нешто друго откако беа вакцинирани?“.

Можноста дека се случиле неколку смртни случаи поврзани со вакцините, а медицинските власти ги потцениле, не го поткопува фактот дека вакцинацијата против ковид, во целина, спречила смрт во голем обем ниту ги оправдува сеопфатните промени во регулативите за вакцини.

Напротив, ова сугерира потреба од некои целни реформи, како што се подобрувања на системот за пријавување на несакани ефекти од вакцини во земјата. Исто така ни кажува дека стратегијата за минимизирање на трагичните исходи, колку и да се ретки, можеби не е најдобриот начин да се заштити витален инструмент на јавното здравје, пишува докторот Мазер за Атлантик.

23 декември 2025 - 10:51