Вести

Никој нејќе син да крсти Доналд

Да се крсти машко бебе Доналд не е многу популарно во моментов. Новите податоци од Администрацијата за социјални услуги покажуваат дека името го достигнало најниското ниво на популарност во историјата на САД. „Доналд“ денес се наоѓа на 690-тото место по популарност на машки имиња. Ама па може кај тие што чуваат магариња е поинаку.

Скенер каков што досега немало

Midjourney - компанијата за вештачка интелигенција која стана позната по генерирање слики од текстуални инструкции, својот оддел за медицински хардвер го промовираше со демонстрација на  функционален прототип на скенер за цело тело, различен од сè што некогаш постоело. Ве потопуваат во вода и после една минута сè е јасно за вашите органи, ткива, крвни садови, коски, мускули и распределба на масти.

Гугл предупредил луѓе за земјотресот во Венецуела

Милиони луѓе во Венецуела на своите андроид телефони добиле предупредување од Гугл непосредно пред да ги погоди катастрофалниот земјотрес во кој настрадаа стотици ако не и илјадници луѓе. Предупредувањето дошло само неколку секунди пред земјотресот. Можеби не секогаш доволно да се спаси жива глава но доволно за да се постави старото прашање: може ли технологијата да нè спаси?

Речник

Британци добиваат наредби да ги извадат климите од дома

Британија спроведува амбициозна и ригидна политика на нето нула емисии согласно која клима уредите се само за во крајна нужда, откако ќе се исцрпат сите други методи за „пасивно ладење.“ Замислете на топлово да ви дојдат дома инспектори од општина и да ви кажат дека не е убаво што ви работи климата. Колку бенефициран стаж треба да добијат преживеаните инспектори?

Крајот на трансатлантизмот

Актуелната криза меѓу Европа и САД означува крај на една ера. Без оглед на тоа кој ќе го наследи Доналд Трамп, никој нема да дојде во Европа и да каже „Америка се врати!“. Врските изградени врз специфични глобални карактеристики се прекинати. Со трансатлантизмот е завршено како идеологија, но тоа не значи дека Европа и САД по бурниот развод не можат да останат пријатели.

Мета сака да отвори кладилница за своите 3 милијарди корисници

Газдата на Мета сака да се вклучи во бизнисот на пазари за предвидување што им донесе многу пари на Полимаркет и Калши. Платформата „Арена“ на Марк Закерберг би била одвоена од Фејсбук и Инстаграм, но би ги опфатила нивните 3 милијарди корисници. Во почетокот ќе може да се кладат со „дигитални жетони“, со план потоа системот да се префрли на вистински пари.

Тотал Енерџис обвинет за воени злосторства во Мозамбик

Против францускиот енергетски гигант Тотал Енерџис е поднесена тужба за соучество во воени злосторства извршени во централата за течен природен гас во Мозамбик пред четири години. Компанијата наводно знаела дека во нејзиниот објект се спроведува масакр на стотици цивили, но не презела ништо за да го спречи и ја продолжила поддршката за злосторниците.

Хормонската терапија за жени се враќа од отпишаните

Американските регулатори за храна и лекови по повеќе од 20 години ги укинуваат етикетите со предупредувања за ризик од рак на дојка, кардиоваскуларни заболувања и деменција од производите за хормонска терапија за менопауза. Нови истражувања покажуваат дека системската хормонска терапија со естроген е многу безбедна за повеќето жени.

Франција товари бродови со ураниум за Русија

Во исто време додека Макрон и Зеленски прогласија долгорочно стратегиско воено партнерство и позираа на писта со договорот за продажба на 100 француски борбени авиони на Украина, брод носеше потрошено гориво од француските нуклеарки до Русија, за да го збогати ураниумот. Париз се прикажува како голем противник на Москва, но да се ослободи и од нуклеарниот отпад.

Профитот од ултрапреработената храна е поважен од здравјето

Здравјето и благосостојбата на луѓето низ светот се загрозени од големи корпорации кои агресивно поттикнуваат потрошувачка на ултрапреработена храна за да остварат профит, покажува досега најобемна анализа на стотина научни истражувања. Од владите се бара да не подлегнуваат на притисоците од моќните компании и да ги вратат свежите производи во исхраната.

Парите ја загреваат климатската хистерија

Ширењето паника околу глобалното затоплување всушност не се базира на реални податоци, тврди Ричард Линдзен, професор по метеорологија на МИТ, кој со децении ја проучувал атмосферската наука. Тој вели дека причините за глобалното затоплување остануваат нејасни за науката, а владините политики за климата повеќе се мотивирани од парите отколку од доказите.

Европа ѝ го врти грбот на Конвенцијата за човекови права

Пред десет години светот со вознемиреност реагираше на строгите мерки на Данска за имигрантите. Тие политики денес стануваат норма во Европа. Влади бараат промена на толкувањата на застарените одредби од Европската конвенција за човекови права од 1953 година. Британија воведува слични правила, за кои се вели дека се најстрогите по Втората светска војна.

Дронови ќе патролираат во училишта низ САД

Во обид да се спречат зачестените пукања во училишта низ САД, ќе бидат тестирани дронови дизајнирани рано да откриваат напади и итно да интервенираат без употреба на огнено оружје. Летечките патроли ќе се активираат 5 секунди по тревогата. Управувани од пилоти од Тексас ќе дејствуваат со сирени или солзавец за да ја смират ситуацијата пред да интервенира полицијата.

Америка има крупен проблем со ситното

По 232 години, американското пени го дочека својот крај. Државата пред една недела престана да ги кова најситните монети, за чие производство со години свесно трошеше три пати повеќе пари од нивната номинална вредност. Илјадници тони ќе останат скриени во џебови или по дома. Властите немаат интерес да соберат или да ги стопат, ниту побарале заокружување на цените.

Се распадна германското „водородно чудо“

Германија пред пет години ја најави големата „водородна револуција“ како основа на идната енергетска независност и симбол на „зелената транзиција“. Според извештај на Федерални ревизори, планот денес изгледа како еден од најскапите промашувања во поновата историја на земјата. Државата вложува милијарди долари за технологија за која не постои пазар.

Британија крие податоци за вакцините за ковид и смртните случаи

Британска агенција за надзор на јавното здравје крие клучни податоци што може да ја поврзат вакцината за ковид со зголемување на бројот на смртни случаи. Немала проблем да им ги испрати на фармацевтските компании, но се плаши да ги сподели со граѓаните „за да не создаде отпор против безбедноста на вакцините“. Со вакво образложение создава бес и кај скептиците.

Алтман и сопругот сакаат бебиња со гени по нарачка

Технолошки милијардери влегуваат во (сè уште) нелегалниот бизнис за декодирање на гени на ембриони за да се раѓаат здрави, совршени бебиња. Децата, една од најсовршените творби на природата, ќе станат „производи од каталог“ со карактеристики по избор на родителите. Лесно ќе може да ги отфрлат ако не им се допаѓаат како бебиња или кога ќе почнат да стануваат свои.

Анонимни донатори полнат милиони во СЗО

СЗО користи тајни канали за финансирање за да ја пополни огромната дупка во буџетот по повлекувањето на САД. Прима милиони долари од дарежливи донатори, на кои им ја штити анонимноста, а им дозволува да ги врзат парите за специфични проекти. Тоа отвора идеална можност на приватници да ги наметнат своите интереси врз глобалната здравствена политика.

Џихадистите со ВИ регрутираат терористи во Британија

Терористичките групи Исламска држава и Ал каеда го користат хаосот во Сирија за да се вратат на позициите од кои беа протерани. Во исто време ја користат новата технологија за да привлекуваат нови регрути од Британија и да поттикнуваат терористички напади. Бројот на млади Британци заведени од пропагандата во изминатата година се зголемил за една третина.

Иран прска облаци и се моли да заврне

Соочени со најкатастрофалната суша во изминатите пет децении, Иранците се обидуваат да обезбедат вода за Техеран, кој како знае и умее. Оние блиски до науката прскаат хемикалии во воздухот за да заврне. Верниците се молат по џамиите и тврдат дека сушата е божја казна за „развратот“. Претседателот бара евакуација на милиони луѓе од Техеран. Ама нема каде.

Корупцијата ја дотепува Украина

Огромен енергетски скандал ја тресе Украина на прагот на зимата, кога Русите засилено ја гаѓаат инфраструктурата. Се работи за огромни суми што дополнително го урнисува моралот во воениот и во цивилниот сектор на земјата. И сојузниците губат трпение па пробуваат да го освестат Зеленски порачувајќи му: Заради вакви работи ќе ја изгубите војната. 

Шпанците одјадоа леб

Од 60-тите години на минатиот век до денес, потрошувачката на леб во Шпанија се има драстично намалено за дури 80% . Зад ваквиот пад стои голема промена во културните и кулинарските вкусови. Кога вашиот основен производ почнува директно да се обвинува за дебелеење, не чуди што четири од десет пекари во Шпанија морале да стават клуч на врата.

Кинеска фабрика за коли, поголема од Сан Франциско

Сè што прави Тесла, кинеските конкуренти настојуваат да го направат помасовно, поевтино и пред сè поголемо. Што ли ќе биде кога BYD ќе ја доизгради мегафабриката во Женгжоу, која по површина ќе биде колку центарот на Сан Франциско - седум пати поголема од најголемата на Тесла? Има полигон за дрифтање, тркачка патека и базен за коли што може да се нурнат под вода.

Гугл не се откажува од монополот за рекламирање

Казната од речиси 3 милијарди евра од Брисел не го уплаши Гугл за да се откаже од контрола на алатките со кои го диктира онлајн-рекламирањето во Европа. За да остане на европскиот пазар, понуди ситни корекции во политиката со кои наводно повеќе нема да биде монопол. Но, веќе е соочен со нова истрага - дека манипулира со видливоста на извештаи што содржат реклами.

ЦИА крие врски со биоинженер што развивал вируси во Вухан

Речиси шест години по пандемијата на ковид сè уште не се знае како се проширил вирусот од Вухан. Сенаторот Ренд Пол тврди дека ЦИА со години одржувала контакти со биоинженер близок до кинескиот институт за вирусологија, кој предупредил дека вирусот најверојатно се проширил од лабораторија. ЦИА два пати си го промени ставот за вирусот и ги крие врските со вирусологот.

Јапонците не можат око да склопат од работливата премиерка

Новата јапонска премиерка спие по два часа на ден, најмногу четири за ѝ остане повеќе време за работа. Очекува сите во владата да работат „како коњи“. Неодамна ги шокирала најблиските соработници кога им закажала состанок во 3 часот по полноќ. Ете зошто во Јапонија се намалува наталитетот, а се зголемува бројот на смртни случаи од исцрпеност на работните места.

Трамп го шири во Европа фронтот против Антифа

Администрацијата на Трамп ја проширува и во Европа својата војна против глобалната мрежа на Антифа и екстремните левичарски групи. Четири радикални организации во Германија, Италија и во Грција ќе бидат прогласени за странски терористички групи затоа што „со своите брутални напади ги поткопуваат темелите на западната цивилизација“. 

Њујоршките милијардери на баци рака кај Мамдани

Првиот муслимански градоначалник на Њујорк, во трката не се соочуваше само со обвинувања дека е комуњара, антисемит и некој што ќе воведе шеријатско право, туку против себе ja имаше и моќната кохорта милионери и милијардери од градот кои покажаа ретка класна солидарност истурајќи десетици милиони долари за тој да изгуби. А после, тој победи. 

Глобалното загревање не упали, на ред е „ново ледено доба“

Откако пропаднаа предупредувањата дека глобалното затоплување ќе ги крене морињата неколку метри и ќе се поплави половина свет, загрижените климатски научници го сменија наративот. Во ново апокалиптично сценарио се предупредува дека главната струја во Атлантикот би можела да колабира до крајот на векот, со што температурите низ Европа ќе паднат за 60 степени. 

Дури 97% од луѓето не можат да препознаат музика создадена од ВИ

Алатките со ВИ нè посомневаа да не веруваме во она што го гледаме со своите очи, но уште помалку можеме да им веруваме на ушите. Дури 97% од илјадници луѓе во глобална студија не препознале дали некоја песна е создадена од човек или е генерирана од машина. Платформата Дизер секој ден добива по 50.000 вештачки песни, а за Спотифај не се знае, зашто не ги обележува.