Предлог-законот од владата на социјалистичкиот премиер Педро Санчез предвидува криминализирање на употребата на алгоритми за кои се смета дека засилуваат штетна содржина на социјалните медиуми. Дуров, основачот на Телеграм, предупредува дека на тој начин платформите ќе бидат принудени да собираат податоци за сите корисници, а согласно „ограничувањето на говорот на омраза“ ќе мора да отстрануваат содржини за да избегнат високи казни.
Ова не се заштитни мерки, туку чекори кон целосна контрола. Го видовме ова и претходно. Владите ја користат ‘безбедноста’ како оружје за цензурирање на критичарите, напиша Дуров на Телеграм.
Маск, сопственикот на Икс, во понеделникот исто така ги осуди предложените мерки и го опиша премиерот Санчез како „вистински фашистички тоталитарец“.
Законот предвидува забрана на социјалните мрежи за деца под 16 години со задолжителна проверка на возраста. Ова не се однесува само на деца - бара платформите да користат строги контроли, како проверка на лична карта или биометрија. Дуров предупредува дека ова овозможува следење на идентитетот на секој корисник и отвора можност за масовно собирање податоци.
Она што почнува со малолетници би можело да се прошири на сите, задушувајќи ја отворената дебата, забележува Дуров.

Со прогласување на „засилувањето на штетна содржина преку алгоритми“ за кривично дело, владата всушност ќе забрани судир на мислења и ќе ги ограничи корисниците на контролирана пропаганда.
Обврската за платформите да известуваат за содржини со „омраза“ зависи од широкото толкување на дефиницијата, што може да се злоупотреби за приведувања, казни или да биде алатка за потиснување на опозицијата.
Канцеларијата на премиерот Санчез ги претстави предупредувањата од Дуров како уште еден аргумент за „итната потреба“ за регулирање на социјалните медиуми и апликациите, за да се заштитат граѓаните од погрешни информации.
Дуров ја искористи својата неограничена контрола врз апликацијата за да шири лаги на сите шпански корисници. Шпанците не може да живеат во свет каде што странските технолошки олигарси можат да ги преплават нашите телефони со пропаганда по своја волја, само затоа што владата објави мерки за заштита на малолетниците и спроведување на законот, соопшти канцеларијата.
Санчез, еден од ретките левичарски лидери во Европа, уште пред една година предложи да се укине анонимноста на социјалните медиуми и да се поврзат личните податоци на корисниците во заедничкиот „дигитален идентитет“ (eID) на Европската Унија. Тој тврди дека неговото семејство е директна жртва на десничарска кампања за клевета во врска со обвинувањата дека неговата сопруга Бегона Гомез ја злоупотребувала својата влијателна позиција. Таа ги негира обвинувањата, но случајот сè уште не завршил.
Дуров, пак, постојано е под притисок од властите. Основачот на популарната социјална мрежа Вконтакте мораше да ја напушти родната Русија откако го одбил (и го објави) барањето од Федералната служба за безбедност да му го блокира профилот на опозиционерот Алексеј Навални и да предаде податоци за демонстранти против прорускиот претседател на Украина, Виктор Јанукович. Потоа, откако ја основаше платформата за пораки Телеграм, беше уапсен во Франција поради „немодерирање екстремни содржини“ и поради тоа што не им го дал на француските органи „клучот“ за дешифрирање на пораки на Телеграм. Сега живее во Дубаи.