Експертката на Обединетите нации и судиите од Меѓународниот кривичен суд брзо ги почувствуваа ефектите од санкциите што им ги наметна администрацијата на Доналд Трамп поради обвинувањето на Израел за воени злосторства во Газа.
Освен што мерките ги попречија истрагите за злосторства, на Албанезе ѝ се загрозени егзистенцијата и семејството. Таа, како и судии од Меѓународниот кривичен суд во Хаг сега се третирани како терористи на Ал Каеда, мексикански наркобосови или севернокорејски трговци со оружје. За да може да патува, таа мора да позајмува картички од пријатели. Нејзините банкарски сметки се затворени, а кредитните картички се откажани.
Ова е неправеден прогон. Казнета сум поради мојата работа за човековите права, изјави Албанезе за Ројтерс.
Обединетите нации ги зајакнаа безбедносните мерки за неа и нејзиното семејство. Нејзините деца, на 12 и 9 години, повеќе не шетаат низ населбата во Тунис во која живеат.
Тие не можат како порано едноставно да излезат од куќата за да си играат, изјави Албанезе.
Маргарет Сатертвејт, специјалната известувачка на ОН за независноста на судиите и адвокатите, рече дека санкциите претставуваат опасен преседан.
Шокантно е што нечија работа за човекови права може да се смета за толку опасна, како да е терорист, оцени Сатервејт.
„Злосторството“ на Албанезе е тоа што лани во писмо до десетина американски фирми и две добротворни организации ги предупреди дека наскоро во извештај на ОН би можела да ги именува за „придонес кон груби кршења на човековите права“ од страна на Израел во Газа и на Западниот Брег. Писмата биле испратени до: Алфабет, Амазон, Катерпилар, Шеврон, Хјулит Пакард, ИБМ, Локид Мартин, Мајкрософт и Палантир.
Најмалку две од овие фирми побарале помош од Белата куќа, која тргна во контранапад против Албанезе и Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Покрај инсистирањето на ОН дека таа има дипломатски имунитет, администрацијата на Трамп воведе санкции поради „пишување заканувачки писма“.
Белата куќа официјално не го коментира случајот, но висок функционер изјави дека Трамп е загрижен дека Меѓународниот кривичен суд би можел во иднина да го гони него или високи членови на неговата администрација. Белата куќа би можела да воведе дополнителни санкции ако судот не го измени својот основачки статут за да забрани истраги против Трамп.
Таква истрага може да биде отворена во врска со грабнувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од неговата резиденција во Каракас, која според експерти е грубо прекршување на меѓународното право. Портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, ги оцени грабнувањето и нападите врз бродовите во Карипско Море „легални операции за спроведување на законот“.
Санкциите против МКС се јасен обид да се поништи институцијата на која администрацијата на Трамп отсекогаш се спротивставувала. Тоа е дел од поширокиот поглед на светот на администрацијата на Трамп, дека САД не смее да бидат ограничени од еден куп ситни меѓународни норми, вели Ненси Комбс, професорка по меѓународно право.
******
Види и: Прогонот на Франческа Албанезе