Зеленски: САД и Русија преговараат за бизнис од 12.000 милијарди

Главната предност на Русија во мировните преговори не е напредувањето на фронтот, туку потенцијалот од економските договори во вредност од илјадници милијарди долари што им ги нуди на САД. Зеленски предупредува дека во „пакетот Дмитриев“ е вклучен и украински суверенитет, а од Киев ќе се бара да го прифати најдоцна до јуни.

Претседателот Володимир Зеленски изрази загриженост дека Украина е загрозена од тајните преговори на САД и Русија за повоена економска билатерална соработка. Разузнавачки извори му покажале рамка за економска соработка меѓу САД и Русија во вредност од околу 12.000 милијарди долари.

Кирил Дмитриев, шеф на рускиот преговарачки тим, но и прв човек на рускиот суверен фонд и близок сојузник на претседателот Владимир Путин, наводно им го претставил економскиот пакет на американските посредници Стив Виткоф и Џаред Кушнер на преговорите во Аби Даби.

Не сме свесни за сите нивни билатерални економски или деловни договори, но добиваме некои информации за ова прашање. Има сигнали, и во медиумите и на други места, дека некои од овие договори би можеле да вклучуваат и прашања поврзани со Украина - на пример, нашиот суверенитет или безбедноста. Јасно ставаме до знаење дека Украина нема да поддржи никакви,  дури ни потенцијални договори што се склучени за нас, а без нас, изјави Зеленски.

Тој побара санкциите против Русија уште повеќе да се заостри, за да се спречи руската воена машина да добива пари и западни технолошки компоненти.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно го спомна спротивното - ублажување на санкциите за Москва и обнова на економската соработка како поттик за Москва да се согласи да ја запре војната. 

На мировните преговори преостанува уште едно спорно прашање, за кое ниту Киев ниту Москва не отстапуваат од своите „црвени линии“ – кому ќе му припаднат териториите на проруските региони во Донбас што сега се под контрола на украинските сили. САД предложија таа територија да биде слободна економска зона. Путин инсистира дека Русија ќе ги добие или со преговори или со напредување на фронтот.

Зеленски изјави дека Вашингтон поставил рок војната да заврши до јуни и дека ќе изврши притисок врз двете страни да потпишат мировен договор, за да може Белата куќа да се посвети целосно на среднорочните избори за Конгресот во ноември.

Разбираме дека тие ќе го посветат целото свое време на домашните процеси. Изборите за нив се дефинитивно поважни. Да не бидеме наивни. Тие велат дека сакаат да постигнат сè до јуни и ќе сторат сè што е можно за да се осигурат дека војната ќе заврши, изјави Зеленски.

9 февруари 2026 - 08:56