Американските емисари Стив Виткоф и Џаред Кушнер и нивните руски колеги на мировните преговори во Абу Даби договориле нацрт-план за атомските арсенали на нуклеарните суперсили. Рамката треба да биде одобрена од претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин.
Се согласивме со Русија да соработуваме со добра волја и да почнеме дискусија за начините на кои би можел да се надгради (постоечкиот договор), изјави за Аксиос анонимен американски функционер.
Со Нов СТАРТ, чија важност истекува денеска на полноќ, САД и Русија се обврзуваа да ги ограничат на 1.500 своите нуклеарни боеви глави спремни за употреба. Договорот поставува и граница за бројот на проектили и на лансери од копно, подморници и бомбардери.
Пактот го договорија претседателите Владимир Путин и Барак Обама во 2011 година, со важност од 10 години, а во 2021 за уште пет години го обновија Путин и Џо Бајден. Предлогот на Путин од септември за уште едно продолжување Трамп го оцени како „интересна идеја“, но не одговори официјално.
Главната причина зошто Белата куќа беше скептична за продолжувањето е тоа што Нов СТАРТ не ја ограничуваше Кина, која има многу помал арсенал, но брзо го зголемува.
Очигледно, претседателот во минатото беше јасен. За да има вистинска контрола на оружјето во 21 век, невозможно е да се направи нешто што не ја вклучува Кина, поради нејзините огромни и брзорастечки залихи, изјави вчера државниот секретар Марко Рубио.
Пекинг не покажа интерес да се приклучи на договор што би го ограничил неговиот нуклеарен арсенал и нема поттик да го стори тоа во време кога издвојува многу пари за модернизирање на оружените сили.
Трамп вчера разговараше со кинескиот претседател Си Џинпинг, но во извештаите не е спомнато дека било отворено и прашањето за нуклеарните арсенали.
Американски функционер предупредува дека според законите не е возможно продолжување на договорот ако заврши неговата важност. Ќе мора да биде постигнат нов и да биде ратификуван од сите страни. Сите рамковни договори до тогаш би се базирале на добра волја.