23 годишната Џордан Јангер води еден популарен лајфстајл блог наречен Blonde Vegan. Себе се опишува како "јога џанки, страсен пишувач, фитнес фрик, зависник од шејкови, сонувач и фан на сите работи кои се здрави."
Неодамна од таквиот свој блог манифест реши да извади една особина - своето веганство.
Вели дека телото почнало да ѝ дава сигнали дека стриктниот вегански режим на исхрана не е за неа.
"Почнав да живеам во меур од рестрикции. Тотално веган, тотално растително, тотално без шеќер, без брашно, без глутен, без масло...."
Неколку физички и емотивни и аларми ја довеле до сознание дека таквиот начин на живот формирал пореметување на исхраната наречено орторексија, нездрава опседнатост со здрава исхрана.
Иако никогаш не го обвинила веганството за своите проблеми, нејзините дотогашни растителни соборци возвратиле гневно и агресивно. Била опсипана со коментари од типот "ти никогаш не си била вистински веган", "не е чудно што си толку грда" и слични идиотарии а добивала и смртни закани.
Дел од нападите биле оркестрирани од водечките луѓе на заедницата посветена на сировата храна, луѓе со кои до вчера била пријателка додека ги делела истите погледи на животот.
"Се однесуваат како секта,' вели Јангер, зачудена од насилничкиот менталитет на луѓето кои мислела дека добро ги познава.
Слична судбина ѝ се случи и на авторката Александра Џејмиесон, позната како веган пријателката на Морган Спурлок од "Supersize Me," кога лани призна дека веќе не е комплетен веган и дека почнува да му удоволува на телото кое и барало храна од животинско потекло.