САД и Русија се пред нова трка за нуклеарно вооружување

Утре престанува да важи последниот договор помеѓу САД и Русија за ограничување на нивните нуклеарни арсенали. Трамп не одговори на предлогот од Путин за обновување на договорот и сака да ја вклучи и Кина, додека има релативно мал арсенал. Во ова хаотично време, на светот најмалку му е потребна нова трка за нуклеарно вооружување.

Со крајот на договорот Нов СТАРТ практично ќе бидат поништени сите глобални напори за контрола на оружјето од времето на Студената војна. Веќе пропаднаа договорите за ограничување на системите за ракетна одбрана, за проектилите со среден дострел и за правата на прелетување. 

Дарил Кимбал од Здружението за контрола на оружјето во Вашингтон, предупредува дека крајот на Нов СТАРТ би можел да биде почеток на нова трка во вооружување.

Нуклеарните сили инвестираат стотици милијарди долари во модернизација на своите арсенали, рускиот претседател Владимир Путин отворено се закануваше со нуклеарното оружје, а американскиот Доналд Трамп најави дека ќе го прекине мораториумот за нуклеарни тестови.

Многумина во естаблишментот сакаат брзо да го зголемат обемот на американските сили за да се спротивстават на стратешкото зајакнување на Кина, вели Кимбал.

Договорот Нов СТАРТ ги ограничи Русија и САД на максимум 1.550 распоредени стратешки нуклеарни боеви глави, што е речиси 30% помалку од претходната граница од договорот СТАРТ од 2002 година. Двете земји исто така се обврзаа да немаат повеќе од 800 системи за испорака - стратегиски проектили или тешки бомбардери. 

Водејќи политика на повлекување на САД од речиси сите меѓународни институции и договори, Трамп остава впечаток дека повеќе од инерција отколку од цврста намера го игнорирал продолжувањето и на нуклеарниот договор со Русија.

Путин во септември предложи Нов СТАРТ да биде продолжен барем за уште една година. Трамп одговори дека „тоа звучи како добра идеја“, но не покажа интерес на темата во понатамошните контакти со Москва. Во јануари тој кажа дека е подготвен да се откаже од договорот.

Ако истекува - истекува. Само ќе постигнеме подобар договор, изјави Трамп за Њујорк тајмс.

Анонимен функционер од Белата куќа изјави дека Трамп нема ништо против за ограничување на нуклеарното оружје, но би сакал во идниот договор да ја вклучи и Кина. Тоа го бараше и во својот прв мандат. На тогашните преговори за обновување на Нов СТАРТ провокативно беше поставено празно столче со кинеско знаменце на него.

Кина има околу 600 нуклеарни боеви глави, од кои многу малку се распоредени и подготвени за употреба, според проценките на Федерацијата на американски научници (FAS). За споредба, FAS го проценува арсеналот на САД на 5.177 (вклучувајќи складирани и повлечени боеви глави), а рускиот на 5.459.

По руската воена инвазија врз Украина и нарушувањето на односите со администрацијата на Џо Бајден, Москва во 2023 година се повлече од клучниот елемент на нуклеарниот договор, кој овозможуваше меѓусебни инспекции на нуклеарниот арсенал. Оттогаш двете суперсили меѓусебно се следат од далеку, но нема знаци дека почнале трка во вооружување.

Василиј Кашин, директор на Центарот за европски и меѓународни студии во Москва, вели дека Русија следи дали САД го зголемуваат својот нуклеарен арсенал и спремна е соодветно да реагира.

Ако Американците не преземат никакви драстични мерки, како распоредување боеви глави, Русија најверојатно едноставно ќе гледа, ќе чека и ќе молчи, оценува Кашин.

4 февруари 2026 - 09:44