Сите пари на Америка не се доволни за Златната купола на Трамп

Системот за ракетна одбрана Златна куполa на Доналд Трамп веќе достигна неверојатно висока проектирана цена од 175 милијарди долари. Нова анализа покажува дека во реалноста САД треба да платат многу повеќе пари, колку што нема ни по трезори, банки или џебови. Дури ни тогаш куполата не би гарантирала дека ќе да ги заштити Американците од нуклеарен напад. 

Според проценки на Американски институт за претприемништво (АЕИ), Златната купола би чинела 3.600 милијарди долари од буџетот во следните 20 години, односно 4.400 милијарди ако се пресмета и очекуваната инфлација. За споредба, ако се соберат сите пари во трезорите на Федералните резерви заедно со доларите што се во оптек, ќе се соберат 2.430 милијарди.

Оваа сума би била значително повисока ако се додаде сметката за лансирање ракети од вселената, што е неверојатно сложен и скап инженерски предизвик. Производството, поставувањето и одржувањето на 85.400 вселенски пресретнувачи (СБИ) би чинеле дополнителни 6.000 милијарди долари.

Ова се однесува само за идеалното сценарио, под претпоставка дека неколку пресретнувачи би биле доволни за да соборат еден непријателски проектил. Во реалноста, потребно е да бидат лансирани стотици за да се зголеми веројатноста на соборување.

За неутрализирање на интерконтиненталните балистички проектили од следната генерација, според извештај на Американското друштво на физичари, би морале да се лансираат „најмалку 1.600 пресретнувачи“.

Тоа значи дека Златната купола, за да биде навистина ефикасна заштита од 750-те интерконтинентални проектили што сега ги имаат Русија и Кина, мора да биде опремена со 1,2 милиони пресретнувачи во вселената.

На ова треба да се надоврзат и илјадниците ракети наменети за неутрализирање на стотиците крстосувачки проектили во противничките арсенали, како и новите хиперсонични – сите со капацитет да носат нуклеарна боева глава.

Ако Златната купола ја гарантира нашата безбедност од нуклеарно оружје, може некако да се оправдаат овие астрономски трошоци. Но, поради сите проблеми со одржливоста многу е јасно дека нема, изјави политичкиот аналитичар Гејб Марфи.

Својот став тој го поткрепува со бизарниот факт: САД Од 1960-тите потрошиле повеќе од 450 милијарди долари во развој на системи за национална одбрана од интерконтинентални балистички ракети. Досега од небото е соборен само еден проектил со боева глава, и тоа празна, на внимателно управувана воена вежба.

9 февруари 2026 - 12:17