Трамп фрли око на Гренланд. Ќе фрли ли Путин око на Готланд?

Како што огромниот дански остров Гренланд им е потребен на САД заради националната безбедност, па затоа Доналд Трамп инсистира да го присвои, по слична геостратегиска логика Русија би можела да го грабне шведскиот остров Готланд. Со ракети на него, би имала целосна контрола врз стратегиски важниот регион на Балтичкото Море.

Готланд, најголемиот шведски остров, е оддалечен само околу 300 километри од Калининград, руската енклава помеѓу Полска и Литванија, која уште во времето на Студената војна беше претворена во воена база поблизу до центарот на Европа. Според воени експерти, географската положба на островот дава целосна контрола врз поморскиот сообраќај низ северниот регион на Европа.

Доколку Русија го земе островот, тоа значително би го променило балансот на моќта во Балтичкото Море, оцени американскиот генерал Бен Хоџис, кој сега е висок службеник за логистика на НАТО.

Оскар Џонсон, соработник на Колеџот за одбрана на НАТО, го опишува островот како „носач на авиони што не може да биде потопен“. 

Шведскиот аналитичар Никлас Гранхолм објаснува дека за време на Студената војна, Готланд бил клучен за контролата на регионот. 

Ако поставите ракети на островот, во нивен дострел ќе биде целиот северен регион на Балтичко Море, изјави Гранхолм.

Наспроти стратегиската важност, островот долго време беше демилитаризиран. Шведска ги повлече своите војници во 2005 година, како непотребен трошок по крајот на Студената војна. Оваа одлука беше поништена во 2015 година, откако Русија го присоедени кон себе украинскиот полуостров Крим.

По руската воена инвазија врз Украина пред четири години, Шведска ја поништи и својата историска неутралност и реши да му се приклучи на НАТО. Планот на владата сега е да воспостави база со 4.000 војници на Готланд до 2027 година.

За таа цел издвои 150 милиони евра за брза воена трансформација, изградба на нови касарни, набљудувачки пунктови и напредни ракетни системи. Во изминатите неколку години безбедноста на островот е зајакната со германски тенкови „леопард“ и борбени возила CV90.

Примарната цел е да се одврати потенцијален обид на Русија да го преземе островот и да го блокира сообраќајот, а од островот полесно може да се откријат и обиди за саботажи на енергетската и комуникациската инфраструктура во Балтичко Море.

9 февруари 2026 - 16:47