Кенеди објави нова стратегија за помош на бездомници и зависници

Министерот за здравство Роберт Кенеди Јуниор претстави нова програма од 100 милиони долари, чија цел е да им помогне на бездомниците низ САД да најдат работа и дом, а зависниците да се лекуваат. Целта на проектот е континуирано ангажирање на луѓето, од првиот контакт на улица се додека не бидат во можност да се грижат за себе. 

Програмата е позната како Безбедност преку закрепнување, ангажирање и третман и поддршка базиран на докази (STREETS). Во неа како единствен тим ќе бидат опфатени службите што реагираат на улица, судовите, домувањето и системите за здравствена заштита.

Тоа е во согласност со извршната наредба што претседателот Доналд Трамп ја потпиша во јануари, во која се вели дека зависноста од дрога е хронична болест и дека администрацијата треба да даде приоритет на третманот и закрепнувањето од зависност.

Кенеди го критикуваше здравствениот систем на претходната администрација, за кој кажа дека „луѓето кои страдаат од ментални болести и зависност ги движи помеѓу тротоари, итни служби, затвори, ментални болници и засолништа“.

Никој не презеде одговорност. Никој не остана доволно долго за да им помогне да се опорават, да ги обноват своите врски и да научат како да живеат во заедница. Тој систем не е ниту хуман ниту ефикасен... Луѓето повеќе нема да паѓаат низ пукнатините на системот, изјави Кенеди.

Министерството за здравство сега ќе им дозволи на сојузните држави да користат федерални финансии за да може зависниците што се родители да добиваат лекови одобрени од Администрацијата за храна и лекови.

Во програмата за одвикнување од дрога ќе бидат вклучени и верски организации што задоволуваат одредени стандарди. Министерот притоа го спомна и сопствениот пример. Ја надминал зависноста од хероин со помош и програма од 12 чекори.

Ова е хронична болест, физичка болест, ментална болест, емоционална болест, но пред сè, тоа е духовна болест. Верските организации може да имаат клучна улога во помагањето на луѓето да ги обноват своите врски со заедницата, изјави Кенеди.

4 февруари 2026 - 14:49