Одобрени први клинички испитувања за генетско подмладување

Во време кога милијардерите се загреваат за идејата за вечна младост, стартап на генетичар од Харвард доби одобрение за прво испитување за генска терапија за подмладување луѓе. Основа на терапијата е „делумно епигенетско репрограмирање“ - техника што ги модифицира хемиските ознаки на ДНК за да ги натера старите клетки да се однесуваат како млади.

Биотехнолошката компанија Лајф Биосајенс, кооснована од професорот по генетика Дејвид Синклер, пред една недела доби одобрение од Агенцијата за храна и лекови на САД да спроведува клинички испитувања за подмладување клетки.

Фокусот е на враќање на видот кај пациенти со глауком и NAION преку „делумно епигенетско репрограмирање“. Техниката опфаќа инјектирање генетски инструкции за враќање на биолошкиот часовник на оштетените клетки на ганглиите на мрежницата. Глаукомот е втора водечка причина за слепило во светот и е особено проширен кај луѓе на возраст меѓу 64 и 84 години. NAION, пак, е најчестата акутна оптичка невропатија кај луѓе над 50 години. 

Пациентите за првата фаза од клиничките испитувања треба да бидат избрани за неколку месеци, а резултатите може да бидат познати до крајот на оваа година.

Биотехнолошки стартапи во изминатите неколку години привлекуваат инвестиции од многумина милијардери. Џеф Безос, основачот на Амазон, уште во 2022 година вложи 3 милијарди долари во Алтос Лабс, една од најистакнатите лаборатории за подмладување клетки. Брајан Армстронг, директорот на Коинбас, лани вложи 130 милиони долари во стартапот ЊуЛимит за истражувања за долговечност. Илон Маск, најбогатиот човек во светот, неодамна во Давос изјави дека стареењето е „многу решлив проблем“.

Искуството на докторот Синклер бил еден од клучните фактори поради кои неговата компанија доби одобрување од ФДА. Синклер е автор на пионерски истражувања за делумно репрограмирање на клетките со модифицирање на нивниот епигеном - биохемиски маркери кои им кажуваат на гените кога да се вклучат или исклучат без да се промени основната ДНК секвенца.

Основа на неговите истражувања е откритието на јапонскиот нобеловец Шинја Јаманака дека е можно целосно ресетирање на клетка во плурипотентна матична клетка, во состојба во која ја заборава својата оригинална функција. Синклер утврдил дека делумното ресетирање на клетките има поголем потенцијал за терапевтска употреба, бидејќи клетките го одржуваат својот идентитет, за разлика од целосно ресетираните кои можат да се претворат и во тумори. 

Џери Меклафлин, директорот на Лајф Биосајенс, предвидува дека и други биолаборатории наскоро ќе добијат одобрение за клинички испитувања, што може да биде важно во ера на забрзано стареење на населението во развиените земји.

Веруваме дека делумно епигенетско репрограмирање има голема перспектива во науката за стареењето. Генерираните докази ќе привлечат уште поголем интерес за оваа област, вели Меклафлин.

6 февруари 2026 - 12:55