Шведска воведува ред за азилантите

Шведска планира да ги префрли сите мигранти во специјални центри сè додека се обработуваат нивните барања за азил. Ако не се придржуваат до новите мерки, ќе ја изгубат социјалната помош и ќе може да бидат депортирани. Досегашните закони им овозможуваа на азилантите самите да се снаоѓаат за сместување и да избираат каде и како ќе живеат.

Министерот за миграција Јохан Форсел изјави дека центрите за имиграција нема да бидат „затвори“.

Луѓето што се во системот ќе мора да живеат во центрите на Агенцијата за миграција. Ако не докажат дека се преселиле, ризикуваат да ги изгубат дневните и посебните надоместоци. Мора да прифатат и ограничувања за движењето, изјави Форсел.

Законот отвора можност да биде одбиено барањето за азил од секој што нема да се придржува до ограничувањата. Оние на кои ќе им биде одбиено барањето ќе мораат редовно да го пријавуваат своето место на престој за да се спречи да останат нелегално во земјата.

Сегашниот закон на барателите на азил им дава право да изберат каде ќе живеат. Според министерот Форсел, тоа создало проблеми со пренатрупаност, социјална изолација и го олеснува нелегалниот престој во Шведска. Актуелната влада ја поврзува досегашната политика за „неограничена имиграција“ со порастот на криминалот и на пресметките помеѓу бандите во изминатите години.

Сите шведски влади ги заоструваа политиките за имиграција по 2015 година, кога околу 160.000 мигранти побараа азил во Шведска. Ова стана едно од главните политички прашања во земјата и, како и во многу други европски земји, придонесе за подем на антиимиграциските партии. Се очекува миграцијата да биде главна тема и во кампањата за парламентарните избори во септември.

Од максимумот пред 11 години, бројот на барања за азил во Шведска се намалил на околу 10.000 во 2024 година. Но, сегашната малцинска коалиција, поддржана од антиимиграциските Шведски демократи, настојува тој број уште повеќе да се намали

Владата очекува дека со поддршка од опозициската десница законот ќе биде усвоен во парламентот и дека ќе се применува од октомври годинава. 

6 февруари 2026 - 16:04