Да се започне млад
Ако до средина на свои 20-ти години некој не станал сериозен партиски функционер, веројатно веќе е доцна да го фаќа возот. И двајцата нови ликови на тамошната државна сцена кои се подготвуваат да станат претседател и премиер на земјата (Кси Џинпинг и Ли Кекианг), беа на значајни позиции веќе на 21 годишна возраст. Како и на овие простори до пред пар децении, кастингот почнува уште при прием во пионери (6 години), младинци (14) и рамноправни членови на партијата (полнолетство). Но, не е така едноставно да се влезе во партијата како што беше случај во екс Ју. Во 2011-та аплицирале 22 милиона а партиска книшка добиле само 3 милиони луѓе. Партијата брои вкупно 83 милиони луѓе, што според злобниците, ја прави најголемиот приватен клуб на светот.
Да се одбере ментор
Политичкиот патрон, или како што тие го нарекуваат "каошан" е исклучително битна фигура за сечија политичка промоција. Неговиот дострел го одредува и дострелот на неговите пулени. Неретко, се работи за блиски семејни врски и сите тие создаваат една битна фракција во КПК. Другата голема и значајна фракција се луѓето како последниот претседател Ху Џинтао кои се ортодоксни кадровици, луѓе кои се качувале по вертикалата без помош од влијателните семејства.
Овие две фракции се во постојана битка кој ќе ја има управувачката моќ во партијата и државата. Погоре спомнатите доаѓаат од различни фракции, веројатно за да се одржи балансот меѓу струите. Џинпинг е "дете од фамилија" а Кекианг е партиски верник. Медиумите никогаш не известуваат за овие важни битки за моќ меѓу влијателните струи.
Да не се заборава на моралот
Уште од времето на династиите, за кинеските властодршци секогаш било важно да владеат праведно. Правдата, предаденоста на државните интереси и подготвеноста за жртвување во нивно име се битни вредности на кои се потпира нивниот политички легитимитет. Досегашниот премиер Вен Жиабао е еден од најомилените ликови бидејќи никогаш не заборави на обичните луѓе. После секоја поголема несреќа се појавуваше на лице место да и даде утеха на унесреќените и да праша што може да се помогне. Поза или не – функционира.
Да не се расфрлаш
Кинеското општество е доста чувствително на раскошот на партиски функционери. Иако тешко мерлива, корупцијата сосема сигурно е еден од главните проблеми во државниот апарат. Во систематска акција против корумпираните партиски функционери беа деградирани или уапсени десетици илјади луѓе но се претпоставува дека е тоа безначаен дел од коруптивните игри кои се станати составен дел од системот.
Да се биде машко
Само четвртина од сите членови на партијата се жени. Во 24 - членото Политбиро (пошироко тело за донесување битни одлуки) има само една жена, Лиу Јандонг. Во комитетот на Политбирото (највисокото тело), нема ниедна.
Одработи нешто за сиромаштијата
На врвните кадровици во партијата им е битно кандидатите за лидери да се немаат отуѓено од народот. Затоа, посебно се ценат ангажмани надвор од удобноста на Пекинг. Ху Џинтао мина 4 години на Тибет а една од новите ѕвезди на политичката сцена, 49 годишниот Ху Чунхуа е ангажиран на задачи во кинескиот дел на Монголија.
Биди немилосрден
Сите политички системи се такви но кинескиот важи за еден од најсуровите. Ако испаднеш од игра, луѓето кои те исфрлиле ќе се потрудат никогаш да не се вратиш. На амбициозните кадри редовно им се препорачува да ја прочитаат теоријата на Ли Зонгву која објаснува зошто успешен човек мора да им ѓон образ и немилосрдно срце за да успее во своите планови. Ова било едно од омилените четива и на Мао Це Тунг.
Не дозволувај да имаш бели влакна
Едноставно, таква е модата.