Во рамките на истрагата на Бундестагот за дејствувањето на државата во времето на пандемијата, независниот адвокат Ханс-Георг Масен поднесе анализа на 25 страници во која остро ги критикуваше федералните власти. Во своето излагање пред пратениците, тој го истакна главниот заклучок: „На државата ѝ откажале повеќе органи“.
Пандемијата на коронавирусот не беше само исклучителна здравствена и економска ситуација. Таа беше тест за нашиот слободен и демократски поредок. Во клучните аспекти германското владеење на правото падна на овој тест, оцени Масен.
Повикувајќи се на обелоденетите доверливи документи од Институтот Роберт Кох за периодот од јануари 2020 до април 2021 година, Масен ја обвини владата дека ја искористила вонредната здравствена ситуација за да ја прошири својата моќ, да ја маргинализира улогата на парламентот и без него да спроведе тешки повреди на основните права на граѓаните.

Судството и медиумите не се сметаа себеси за независни контроли и рамнотежа за време на кризата, туку за дополненија на извршната власт... Во де факто центри за донесување одлуки прераснаа неформални тела што не се дефинирани во Уставот, како Конференцијата на министри, изјави Масен.
Тој објасни дека во времето на пандемијата парламентот немал пристап до сите информации. Бундестагот едноставно „заверувал“ одлуки подготвени од комисиите, и оцени дека одлуките можело да бидат поинакви ако била позната целосната слика.
Том Лаузен од АфД на расправата истакна дека особено биле дискриминирани оние што ги критикувале наметнатите мерки за носење маски и вакцинирање за време на пандемијата.
Бевме сведоци на омраза и исклучување на невакцинираните. Тоа беше толерирано од државата, промовирано преку партиски линии и беше ефикасно спроведено од органите на законот, додаде Лаузен.
Како „кец на десетка“ се надоврза претседателката на расправата, Франциска Хопман од ЦДУ, која го прекина затоа што „говорел за тема што не е на дневниот ред“.