Повеќе од една година, Комитетот предупредува дека европските закони за цензура ја загрозуваат слободата на изразување. Сега имаме доказ. Илјадници интерни документи и комуникации од големите технолошки компании со европските регулатори, претставени денес за прв пат, даваат јасна слика: Европа водеше успешна децениска кампања за глобална контрола на наративот преку интернет, објави Комитетот за судство на Конгресот на САД.
Притисокот почнал уште во 2015 година кога Европската комисија создала механизми за притисок врз платформите поагресивно да го цензурираат политички говор и други содржини.

Прикажувајќи ја цензурата како „борба против говор на омраза и дезинформации“, Комисијата ги поставувала агендата и границите за што и до кој степен може да се дискутира за политички теми како што се пандемијата на ковид, вакцинирањето, масовната миграција и трансродовите прашања. Платформите биле принудени да ги менуваат своите глобални насоки, затоа што модерирањето на содржината од земја до земја, освен што е закана за приватноста, воедно е неефикасно и скапо.
Оваа кампања за цензура започна долго пред усвојувањето на Законот за дигитални услуги (DSA). Уште во 2020 година, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и потпретседателката Вера Јурова им наредиле на платформите да ги променат своите правила и да отстранат содржини што ги доведуваат во прашање воспоставените наративи за пандемијата на ковид и вакцините, заклучува Комитетот за судство.

Откако DSA стапи на сила, Комисијата ги предупредила платформите дека мора да преземат „континуиран преглед на упатствата на заедницата“ за да се усогласат. Во законот се декларира дека упатствата за изборите се врз основа на „доброволни најдобри практики“. Но, зад затворени врати, европски функционер им објаснил на платформите дека упатствата се задолжителни.

Интерни документи на ТикТок покажуваат дека по состаноци со функционери од ЕУ, платформата цензурирала конзервативни политички тврдења за трансродовите прашања. Во 2024 година, на пример, ТикТок ги променил своите глобални упатства за заедницата и почнал да цензурира вистински информации низ целиот свет, вклучувајќи ги и САД, за вакцините против ковид за деца.

Спроти претседателските избори во САД во 2024 година, потпретседателката Јурова отпатувала во Калифорнија на состаноци со раководствата на платформи во врска со нивните мерки за цензура на политичката содржина во САД.
Најјасната форма на мешање на Комисијата во изборите во САД беше писмото на комесарот Тиери Бретон со закана до Икс за регулаторна одмазда поради директно пренесуваното интервју со кандидатот Доналд Трамп во август 2024 година, наведува Комитетот за судство.

Комитетот заклучува дека мешањето во избори е стандардна практика за Европската комисија. Европски функционери одржале состаноци со платформи спроти најмалку осум избори во шест европски земји по 2023 година.
Нови документи што не се за јавност, а кои им биле претставени на членовите на Комитетот, фрлаат сомнеж врз тврдењата за руското мешање во предизборната кампања во Романија во 2024 година, што беше искористено од судовите за поништување на резултатите од претседателските избори.
ТикТок ѝ соопштил на Европската комисија дека нема докази за „координирана руска кампања“ во полза на победничкиот кандидат Калин Георгеску. Подоцна се откри дека „руската“ кампања на ТикТок всушност била финансирана од друга романска политичка партија.
Децениската кампања за цензура не покажува знаци на замор. Минатата недела Европската комисија го казни Икс со 140 милиони евра поради прекршување на Законот за дигитални услуги и се закани дека ќе ја забрани платформата во ЕУ.