Живот и забава

Молњите како злосторничко здружување

Во прва студија од таков вид, се проценува дека ударите од гром убиваат 320 милиони дрвја секоја година. За контекст, овие мртви дрвја сочинуваат до 2,9 проценти од годишната загуба на растителна биомаса поради што остануваме со 1,09 милијарди тони јаглерод диоксид. Во проценката се влезени само оние кои се уништени со директен удар а не и оние кои страдаат од предизвиканиот пожар.

ВИ смислува револуционерни антибиотици

Алгоритми со вештачка интелигенција помогнале да бидат дизајнирани антибиотици од сосема нова класа, различни од сите досегашни, за борба против супербактерии отпорни на лекови. Нов антибиотик не е откриен половина век. Им дале слобода на машините самите да креираат милиони разни молекули, а потоа им го проверувале дејството против инфекции на отпорните гонореја и MRSA. 

Ветувачка вакцина против најподмолните типови рак

Клинички испитувања потврдиле ефикасност на нова вакцина кај луѓе што страдаат од рак на панкреас и колоректален карцином, кои исклучително тешко се лекуваат поради високи стапки на враќање дури и со години по третманот. Кај 84% од пациентите развила имунитет, а на секој четврти целосно му ги исчистила туморите. Згодно е и тоа што вакцината не мора да се персонализира.

Дојде распуст, ЧетГПТ може да олабави

Интеракциите на корисниците со ЧетГПТ и другите јазични модели со вештачка интелигенција го достигнало максимумот при крајот на мај, а потоа во јуни нагло се намалиле. Трендот е јасен и се поклопува со завршните испити и крајот на школската година. Ботовите ќе можат да одморат од решавање задачи и пишување есеи додека децата и студентите одмараат од препишување домашни.

Комета збришала древна цивилизација пред 12.800 години

Во кратер во Луизијана се откриени нови докази што ја поткрепуваат оспорената хипотеза за исчезнувањето на древна цивилизација, која имала напредни познавања за астрономија и навигација. Била збришана од комета што пролетала покрај Земјата и со парчиња од опашката како со сачми ја прострелала во Северна Америка, Белгија, Сирија, Чиле, дури и во Антарктикот. 

Кина со ум се бори за студенти, а ние со мрза

Кинеските универзитети не штедат на пари и вијуги за да остават што е можно посилен прв впечаток кај студентите. Поканите за студирање одамна не се формално парче хартија. Тие сега се престиж. Во нив се вложени илјадници часови експериментирање и креативен труд, за да бидат симбол на високото научно ниво на Универзитетите и на технолошката доминација на Кина во 21 век.

Луѓето за 60% се отуѓиле од природата

Бетонирајќи се во градови, луѓето изгубиле 60% од поврзаноста со природата од 1800 година па наваму. За толку од секојдневниот говор и од книгите биле искоренети зборовите за природата - како река, мов или цвет. За да може човекот некако да ѝ се врати на природата, мора радикално да го врати зеленилото во урбаните средини и да ги воспитува децата од најрана возраст.

Литиумот му е душман на Алцхајмер

Литиумот, кој вообичаено го има во батериите, мошне веројатно е многу важен за работата на мозокот. Забележано е дека го нема доволно во мозочните ткива на пациентите од Алцхајмерова болест. Кога на болни глувци им додавале од металот, значително им ја подобрил состојбата. Тоа дава надеж дека би можело да се развијат третмани за превенција и лекување на деменцијата.

Нема потреба од боцкање, ќе се клукаме со ново апче за слабеење

Откако се збогатија со инјекциите оземпик, вегови и мунџаро, фармацевтските гиганти почнаа трка со апчиња за слабеење, кои се помалку ефикасни, но се поедноставни за употреба и веројатно ќе бидат поевтини. Новото апче на Илај Лили топи 12% од тежината. Конкурентското на Ново Нордиск топи 15%. Спуштаат и холестерол и притисок. Сè уште не се одобрени. Трката ќе почне во 2026 година. 

САД се префрлаат од мРНК на традиционални вакцини

Американските власти повеќе нема да финансираат развој на вакцини што користат мРНК технологија. Средствата и фокусот ќе бидат префрлени кон традиционалните вакцини, кои се произведуваат побавно, но важат за побезбедни. Министерот за здравство Кенеди најави дека приоритет е производство на универзална вакцина, која ќе штити и од коронавируси и од грип.

„Печатници“ масовно штанцаат лажни научни трудови

Издавачите на реномирани научни списанија се преплавени со лажни научни трудови, нарачани од очајни професори на кои им е загрозена кариерата. Тоа егзистенцијално ги загрозува списанијата, но трпи и науката воопшто, бидејќи алатките со ВИ што се користат за нови студии се повикуваат на научната литература без да прават разлика помеѓу легитимни и лажни истражувања.

Поглед на болен човек веќе го активира имунолошкиот систем

Вообичаена реакција е човек да се оддалечи од некој што кашла. Но, уште пред таа свесна постапка, мозокот рефлексно реагирал и превентивно го вклучил имунолошкиот систем, спремајќи го за можна инфекција. Тревогата за одбрана се активира автоматски дури и кога свесно се знае дека заканата не е реална, што укажува дека процесот може да се поттикне и вештачки.

Русите ќе се вакцинираат против рак

Од творците на Спутник V, првата вакцина против ковид во светот, доаѓа ново револуционерно откритие – вакцина против меланома. Во експерименталната фаза првите пациенти ќе ја примат веќе во септември. Ја користи технологијата мРНК и специјално ќе биде прилагодена за потребите на секој пациент, врз основа на генетскиот профил на туморот. Една доза чини околу 2.800 долари.

Пивскиот рекорд на фановите на Оезис

Фановите на Оезис го растурија рекордот за испиено пиво на стадионот Вембли на кој повторно собраната група на браќата Галагер закажа седум - полни ко око - концерти. Вембли го имаат полнето и други, на пример Тејлор Свифт. Нејзините "свифтис“ пиеле по 40.000 пива на концерт. Овие на Оезис - 6, 2 пати повеќе! 

Алка со QR код ги испразни грчките болнички чекални

Со едноставен и евтин систем Грција најде решение како да ја смири нервозата во болничките чекални и да им овозможи побрза услуга на пациентите. Им дава алки на кои е втиснат дигитален QR код со информации за сериозноста на медицинскиот проблем. Лекарите имаат увид кој има приоритет, а пациентите знаат колку време и каде треба да чекаат. Ете како за два месеци можело да се воведе ред.

Калифорнискиот куршум-воз испадна ќор-фишек

Ништо во историјата на политички глупости во Калифорнија не е близу до проектот за експресна железница од Лос Анџелес до Сан Франциско. Планиран за 33 милијарди долари, може да достигне 250, а сè уште нема пруга. „Возот-куршум“ на Њусом може да послужи како пример дека економските закони постојат со причина и дека оние што ќе ги извртат ќе мора да ги трпат последиците.

Коронавирус и грип будат заспани клетки на рак на дојка

Респираторни инфекции лесно може да разбудат заспани клетки на рак на дојка и да активираат метастази. Веднаш по инфекцијата клетките на ракот се размножуваат со драматична брзина, а потоа повторно се смируваат. Новото истражување го објаснува и феноменот зошто само во краток период од раната фаза на пандемијата на ковид двојно се зголемил бројот на смртни случаи од рак.

Живот цвета во најголемите морски длабочини

Експедиција што се спушти десетина километри под површината на морето откри богат и разигран екосистем на место каде што се сметаше дека не постојат услови за живот. Се знаеше за едноклеточни организми на морското дно, но не и за посложени разновидни животни - морски црви, школки, краставици и лилјани, кои се хранат со метан што извира од пукнатините.

И на кинески владици знае да им лепи рачето

Храмот Шаолин, родното место на зен будизмот и на кунг-фу, повеќе од 1.500 години бил центар на спокојство и телесна дисциплина. Светската слава што му ја донесе кунг-фу филмот на Џет Ли привлече туристи, но ги урна вредностите и му ги отвори апетитите на главниот монах. Чуварот на моралниот компас е сменет поради злоупотреба на парите од храмот, а не му ги простуваат ни љубовниците.

Откриени цревните бактерии одговорни за мултиплекс склероза

Меѓу стотиците разни видови бактерии во цревата, научници од Минхен откриле две за кои веруваат дека предизвикуваат мултиплекс склероза. Тоа овозможува да се развијат третмани насочени за прецизно елиминирање на двете бактерии за да се спречи прогресија на болеста, а не да се уништува целиот микробиом, што може да има поголема штета отколку корист.

Малку спиење е нездраво, ама и претераното може да биде смртно опасно

Нови и нови истражувања потврдуваат дека спиењето, покрај исхраната и активноста, е суштински столб на здравјето, ако можеме да си го дозволиме по 7 до 9 часа на ден. Несоницата и немирниот сон се лоши за мозокот, срцето, кожата, дури и за сексуалниот нагон. Но, опасно е и да се претера. Нова анализа открива врска помеѓу предолго спиење и зголемен ризик од прерана смрт за 34%.

Не морало 10.000 чекори, доволно биле 7.000

Науката ја скрати препорачаната километражата што секој човек би требало да ја препешачи на ден за да го одржува здравјето. Оние 10.000 чекори на кои нè тераат апликациите на телефоните се заокружена бројка извлечена од ракав, без докази. Науката вели: доволни се 7.000 чекори. Го преполовуваат ризикот од прерана смрт во споредба со 2.000. Битно е да се пешачи, кој колку може.

Вакцините против ковид спасиле многу помалку животи отколку што кажува СЗО

Наметнатото вакцинирање на сите луѓе по секоја цена не спасило ни од далеку толку животи колку што тврди Светската здравствена организација, покажува ново истражување. Полза од вакцинирањето имале само постарите лица, додека младите непотребно биле изложени на ризик. Агресивните мерки и фанатизмот за вакцинирање беа лоша идеја, заклучуваат истражувачите.

Дебело сме ја потцениле моќта на Сонцето

На своја кожа чувствуваме колкава е силата на Сонцето, но научниците мошне веројатно ја потцениле неговата магнетна моќ. Ново истражување покажува дека и најсовремените инструменти на НАСА регистрираат едвај половина од магнетното зрачење. Тоа е важно за да се спречат катастрофални последици од сончевите бури врз сателитите и електричната мрежа на Земјата.