Масовен отповик на вештачки колкови

2.000 луѓе во Велика Британија се повикани на итна проверка откако се откри дека некои метални импланти за колкови, направени од кобалт-хром, може да испуштаат отрови во телото.  Симптомите се од болки и оток до проблеми со срцето и нервите. Како да си „Терминатор“ од Тему. 

Одиш на операција, ти менуваат колк, докторот ти вика дека операцијата била исклучително успешна, те отпуштаат, сигурен си дека сега ќе можеш да трчкаш ко Хајди по ливадите. А завршуваш како стар Москвич кој испушта уље. Трчкаш, ама по лаборатории, за да видиш дали си радиоактивен ко Чернобил.

Досега вакви повици беа својствени за автомобилската индустрија, кога ќе се откриеше дека во некој модел има ставено шкарт дел. 

Како кога ќе те повикаат да го смениш филтерoт за воздух оти „може да прави проблеми“, сега ортопедите ги бараат пациентите со метални колкови да проверат дали нивниот имплант им прави хаос во организмот. Не менуваш филтер, „само“ одиш на ревизиона операција да ти го извадат дефектниот дел.

Има преку 2.000 такви пациенти, досега се утврдило дека ремонт им треба на девет од сто пациенти.

Труењето со кобалт предизвикува замор, отоци и болки но и подолгорочни проблеми со меморијата, тироидната жлезда и срцето. 

Професор Алистер Харт, водечки ортопедски хирург и претседател на Одделот за ортопедија на Универзитетскиот колеџ во Лондон, вели дека кобалт‑хромот е подложен на корозија, особено кога се комбинира со титаниум. А во комбинација со телесните течности прави своевидна батерија. 

Мислиш ти ставиле колк, а они те направиле Тесла.

6 септември 2025 - 09:03