Зошто левичарите молчат за репресијата на Трудо?

Работниците им беа миленици на урбаните елити кога во локдаун им носеа „соја лате“ на врата. Одеднаш, тонот се смени; човекот на Т овојпат не е Трамп туку Трудо. Толку ли не можеме да видиме дека за две години во Белата куќа може да се врати Трамп или некој сличен и да ја позајми тактиката на Трудо за да ги прегази Блек Лајвс Метер?

пишува: Хејдон Проус, режисер и сатиричар.

Минатиот месец одржав говор во Вестминстер, во друштво на левичари кои со право се гневни на предлог законот на државната секретарка Прити Пател со кој фактички се забрануваат протести. Беше таму и Џереми Корбин и други познати имиња од левицата со кои пријателувам и за кои имам почит. Се слушна страсна реторика и загриженост околу повторното раѓање на авторитаризмот.

Па сепак, сите тие говорници останаа морничаво неми за задушувањето на протестите на канадските камионџии од страна на Џастин Трудо (со исклучок на дечките од Extinction Rebellion). Исто е со практично секоја голема организација за граѓански права на планетава.

Изминатите неколку недели, владата на Трудо си набави овластувања за вонредни околности, употреби коњи, шок-бомби и солзавец на „Конвојот за слобода“ на камионџиите и ги етикетираше овие легитимни демонстранти како „терористи“, со закани дека ќе им се замрзнуваат банкарските сметки.

Да се работеше за еден друг, подеднакво нарцисоиден лидер на држава од Северна Америка а чие презиме исто така започнува со „Т“,  моите колеги левичари веројатно ќе имаа да кажат по нешто на Твитер. Но, ова е Трудо, а не Трамп, па сите игнорираа кога GoFundMe заплени 10 милиони долари легитимни донации за камионџиите. Игнорираа кога една еврејска политичарка Трудо ја нарече нацистички симпатизер, само затоа што таа се сомневаше во оправданоста на неговата репресија. Игнорираа и кога беше хакирана друга страница за собирање средства, GiveSendGo, со имињата на 92.000 донатори на Конвојот на слободата; некои заради тоа ги загубија своите работни места.

Еден од говорниците беше Пол Мејсон, мој левичарски политички херој кој буквално напиша туториал за протести.  Но, кога се работи за активисти од работничката класа со „погрешни мислења“, тој смета дека полицијата требала појако да настапи. И јас не се согласувам во многу работи со камионџиите, но дали тоа културната војна толку ни ги стопи умовите што заборавивме како функционира демократијата? Аргументот на Пол се чини дека се потпира на тврдењата дека на канадските протести биле видени кукасти крстови, но вистината е дека кукасти крстови биле додадени на постери и знамиња и плакати за да се долови дека Трудо е фашист.

Пол ја правда својата позиција со тоа што некои од камионџиите се расистички поддржувачи на QAnon, што веројатно е точно за некој мал дел од нив. Но, и на протестот на кој тој и јас зборувавме, некои активисти извикуваа „нема граници, нема држави земји“ па не помисливме дека сме за ќотек. На луди луѓе протести им се привлечни како шопинг-молови на зомбија. Ама не затворате цела домашна журка само затоа што некој бљуцнал во лавабото. 

Живееме во таков период на нееднаквост во кој и Луј XVI би се чувствувал малку непријатно. Десетте најбогати луѓе на планетава го удвоија своето богатство од 700 милијарди долари на 1,5 трилиони долари за време на пандемијата, и имаат шест пати повеќе пари од 3,1 милијарди луѓе. Во локдауните најголемите корпорации во светот објавуваа рекордни профити, додека нормални луѓе едвај крпат живот поради зголемените трошоци и инфлацијата. А сепак, имаме наводно социјалистичка левица која се радува на коњи пуштени на куп работници.

Јас сум вакцинален ентузијаст, ама мака ми е кога, инаку толерантни луѓе и новински организации, се потсмеваат на секој што се двоуми дали да се вакцинира, аплаудираат кога е цензуриран, па дури и навиваат кога ќе умре од ковид. Не сите демонстранти во Канада се невакцинирани или антиваксери, па сепак се третирани со потсмев, дури и во наводно објективни информации. Терминот „Конвој на слободата“ секогаш пред себе има „таканаречен“, особено во весници со отворен ум, како што е таканаречениот „Гардијан“.

За време на локдаунот, кога работниците од првите редови беа миленици на урбаните елити затоа што им беше греота за возачите на Убер кои им носеа „соја лате“ до врата, Трудо на Твитер бучно ги поддржуваше „секојдневните херои“ кои ја одржуваа економијата во живот. Сега неговиот тон нагло се промени. За мене, тој сè повеќе личи на некој вид разбуден Патрик Бејтмен (Американски психо). Го замислувам како прави утрински стомачњаци и ја лупи својата (црна) пилинг маска од јаглен пред да го набрка најбелиот цис член од неговиот кабинет за да направи простор за квир, домородна обоена жена.

Како ли овој „Канадски Психо“ успеа да се прикаже невин како Кaјзер Созе, зашеметувакќи го светот да помисли дека се работи само за добронамерен дечко со супер фризура?

На Твитер, тој е подеднакво неподнослив како и Трамп, од обратни причини, кога твита будалести акроними како „2SLGBTQQIA+“ или кога протестира против сопствената климатска политика.

Трудо е еден вид човечки хаштаг, кој јава на секој можен тренд на социјалните медиуми. Толку сме фокусирани на неговите геј-прајд денс потези што забораваме дека им дава оружје на Саудијците. Толку е прецизен со неговите транс заменки што ги игнорираме неговите транс-континентални цевководи.

Жал ми е што на луѓето од Отава им се пореметени  животите од камионџиите, но природата на протестите е што тие понекогаш се вознемирувачки. Пред Extinction Rebellion да го освои централен Лондон, ниту една од главните партии во Обединетото крластво немаше политика на „нула емисии“. Сега сите имаат.

До толку ли не можеме да видиме дека за две години, Трамп или некоја друга десничарска фигура би можеле да се вратат во Белата куќа и да ја применат реториката и тактиката на Трудо за да ги задушат БЛМ или еколошките демонстрации? Ако тоа се случи, левицата ќе нема образ ни да зуцне, зошто борците за граѓански слободи ја одмолчија епизодата со Конвојот на слободата.

Она што ни е преку потребно во овие поларизирани времиња се луѓе кои се подготвени да ги оспорат догмите на нивните клики од културната војна. За жал, ако еврејските адвокати кои славно го бранеа правото на неонацистичка група да протестираат во 1977 година, постоеја во ерата на Твитер, тие ќе беа канселирани побрзо отколку што Џастин може да се пресоблече за да освои некоја хинду - симпатија.

 

22 февруари 2022 - 14:09