
Францускиот премиер Франсоа Бајру предложи Велигденскиот понеделник и Денот на победата над фашизмот да се тргнат од листата на 11 празници кои се одбележуваат во Франција.
Не е единствен што дошол до таква идеја. Претходно оваа година, Словачка укина еден од своите државни празници во обид да ја подобри својата фискална позиција. Во 2023 година, Данска го укина Велигденскиот понеделник. Оправдувањето на Копенхаген беше дека треба да создаде фискален простор за покривање на растечкиот буџет за одбрана.
Трамп се придружува на трендот од оваа страна на Атлантикот. Во јуни напиша дека премногу државни празници ја чинат Америка милијарди долари. Тоа го објави баш дента кога во САД се слави Денот на укинувањето на ропството кој Бајден го прогласи за државен празник во 2021 година.
„Доказите што ја поддржуваат оваа теза се ограничени“, вели Чарлс Корнс, виш економист во британска консултантска компанија. „Продуктивноста зависи помалку од бројот на државни празници, а повеќе од фактори како што се ефикасноста на трудот, капиталните инвестиции, работните вештини и технологијата“.
Научни студии сугерираат дека намалувањето на бројот на државни празници може да доведе до незначително зголемување на БДП а има и такви кои велат дека празниците можат да бидат економски здрави. Слободните денови, на долг рок го зголемуваат задоволството на работниците, што потоа влијае на нивната продуктивност.
Кога ќе се соберат државните празници и законски платените денови за одмор, повеќето земји на ОЕЦД имаат помеѓу 30 и 36 платени слободни денови годишно.
САД се исклучок. Таму има 11 државни празници, но многу компании, особено во малопродажбата, туризмот и транспортот, работат на овие празници бидејќи на работниците не им се гарантирани платени слободни денови.