Американците престануваат да пијат

Само 54% ​​од Американците на возраст легална за пиење алкохол денес консумираат алкохол, покажува скорешна анкета на Галуп, што е најнизок процент откако ваква анкета почна да се прави во 1939 година. Дури и оние кои пијат, пијат помалку, за речиси половина. Решение за паднатите приходи производителите гледаат во безалкохолните пива. 

Културните конотации околу консумирањето алкохол се имаат променето па бројот на Американци кои го сметаат пиењето за лошо по нивното здравје се зголемува секоја година од 2016 година.

Промените кои им штетат на најголемите производители на алкохол во земјата, ги принудуваат да бараат начини да се прилагодат на она што, според експерти, може да биде рана фаза на пресвртна промена кон нивниот производ, слична на онаа што му се случи на тутунот. 

„Индустријата никогаш не се соочила со толку голем притисок како денес“, вели потпретседателката за маркетинг на „Ботл Рејдерс“, Аманда Пол-Гарние.

Американските здравствени власти се залагаат за наметнување предупредувачки етикети на пакувањата за алкохолни пијалоци, како кај цигарите. Некои од последните здравствени извештаи им одат во прилог: еден пијалок дневно го зголемувал ризикот од рак за 19% кај жените и 11,4% кај мажите а на две пијачки 21,8% и 13,1%.

Промените се ултра брзи: ако денес пијат 54% од возрасните Американци, само до пред три години ги имало 67%.

Трендот не е ограничен само на една демографска група и групи по приходи. 

И меѓу оние кои пијат, фреквенцијата со која го прават тоа се намалува. Пред дваесет години, учесниците во анкетата кои консумирале алкохол просечно се напиле 5,1 пијалоци во седумте дена пред да ја пополнат анкетата. Сега, таа бројка е малку повеќе од половината, односно 2,8 пијалоци.

Производителите сега се вртат кон нов жанр пијалоци наречен „Отаде пивото“, како што Филип Морис своевремено го извади Ајкосот.

Живо нè занима дали алкохолот ќе мине баш низ сите фази низ кои мина тутунот па душегрижници ќе тапанат со опасностите од „секонд хенд пиење.“ 

 

25 август 2025 - 12:16