
Огромното количество вода што од стопената ледена покривка на Гренланд се излева во океанот ги меша хранливите материи и така поттикнува експлозивно цветање на фитопланктонот - микроскопски организми што се основата на морскиот живот, покажува ново истражување поддржано од НАСА и МИТ.
Користејќи напредни компјутерски системи, научниците потврдиле дека стопениот мраз делува како „природно ѓубриво“ на океаните. Мешањето на свежата и солената вода предизвикува циркулација што кон површината турка железо, нитрати и хранливи материи со кои се храни фитопланктонот. Во синџирот на исхрана тој ги храни рибите и на крајот и луѓето.
Замислете го процесот како орање нива. Истото го прави водата од глечерите, го „ора“ океанот и ги ослободува хранливите материи што со векови биле на дното, објаснува професорот Дастин Керол од државниот Универзитет во Сан Хозе и од лабораторијата на НАСА за млазен погон.
Гренланд е покриен со вечен мраз со дебелина над 1 километар. Од оваа покривка се топат близу 293 милијарди тони. Само глечерот Јакобсхавн, најактивниот на островот, преку лето испушта по 1.200 кубни метри свежа вода во секунда.
Со сателитски и други мерења на НАСА било утврдено дека во периодот од 1998 до 2018 година цветањето на фитопланктоните во арктичките води се зголемило за 57%. За да се утврди што точно го предизвикува размножувањето, бил користен специјалниот компјутерски модел ECCO-Darwin, развиен од МИТ и од Лабораторијата на НАСА за млазен погон, кој анализирал милијарди податоци за океаните - од температурата и салинитетот, па до притисокот на дното.
Симулирањето на биологијата, хемијата и физиката на брегот на Гренланд од 43.000 километри е сложен математички проблем. Затоа се фокусиравме на еден типичен фјорд. Суперкомпјутерите на НАСА пресметаа дека хранливите материи што се креваат на површината поради мешањето на водите се доволни за раст на фитопланктонот од 15 до 40%, вели Мајкл Вуд, авторот на новата студија.
Професорот Керол додава дека развојот на фитопланктонот има огромен позитивен ефект врз климата. Неговата фотосинтеза произведува една половина од кислородот во атмосферата и вшмукува големо количество јаглероден диоксид.
Создавањето и топењето на ледот на Гренланд бил природен процес со милиони години. Пред 125.000 години температурата на Земјата била повисока од денешната и мразот бил многу потенок, но природата се прилагодила и животот на Арктикот опстанал.
Научниците укажуваат дека човекот е тој што ја загрозува природата со обидите да ја контролира и да ја „спаси“. За живиот свет во морињата главните проблеми не се климатските промени, туку претераното рибарење и фрлањето пластика и отровно ѓубре.
Луѓето денес креваат паника кога ќе слушнат дека се топи мразот, но не разбираат дека тоа е дел од циклус. Арктикот секогаш бил екстремно место, вели Вуд.