Високо ко кинески мост

Кинезите спремаат црвени ленти за да го отворат највисокиот мост во светот. Под Хуаџијанг Гранд Кањон може да ги собере сите четири кули Џевахир една врз друга плус центарот МРТ. Не е само гордоста и престижот во инженерската моќ. Пекинг инвестира во инфраструктурата за да го поттикне растот во внатрешните региони, кои долго време заостануваат зад просперитетниот брег.

Мостот на Големиот Кањон Хуаџијанг во југозападен Гуиџоу, една од најсиромашните кинески провинции, се издига 625 метри над реката Беипан. Со должина од 2,89 километри, ќе ги приближи окрузите Гуанлинг и Женфенг и ќе го скрати патувањето на околу 600.000 жители од два часа на само две минути.

За споредба, највисоките згради во Скопје, и во Македонија воопшто, се кулите Џевахир со височина од 142 метри, Центарот МРТ е висок 70 метри, а телекомуникациската Кула на Водно е висока 155 метри.

Мостот, кој е во изградба од 2022 година, помина петдневен тест за оптоварување кон крајот на минатиот месец и се очекува да биде отворен за сообраќај до крајот на септември. „People’s Daily“, гласноговорникот на Комунистичката партија на Кина, го претстави како „ново кинеско чудо“. Поради специфичните предизвици, како стрмните падини на кањонот и силните ветрови, биле користени полесни материјали на лакот, за да се намали тежината на мостот за 30%.

Освен што ќе го премости кањонот, се очекува да привлече туристи: на врвот на мостот има кула за набљудување, а дел од пешачката патека од неколку стотини метри е застаклена и нуди поглед кон дното за оние што може да издржат.

Кина веќе го држеше рекордот на највисок мост во светот - Беипанџанг, со висина од 564 метри, и на најдолг преку отворен океан - Хангжу Беј, во должина од 35,4 километри.

Овие мегапроекти не се мостови што не водат никаде. Нивните долгорочни економски придобивки ќе ги надминат трошоците за изградба, изјави универзитетскот професор по градежништво Ли Мингшуи.

Изградбата на инфраструктурата е основа на огромниот економски раст на Кина во изминатите четири децении, објави консултантската куќа „МекКинзи“ во извештајот од 2023 година. Голем дел од проектите се финансирани од локалните самоуправи.

Претседателот Си Џинпинг повика на нова градежна иницијатива во инфраструктурата за да се оживее растот во годините по пандемијата. Минатиот месец премиерот Ли Ќијанг ја нагласи потребата од „искористување на галванизирачката улога на мегапроектите“ заради зголемување на инвестициите и домашната потрошувачка.

15 септември 2025 - 12:20