Има ли буден пилот во авионот?

Дури 93% од околу 900 анкетирани пилоти во Германија признале дека барем еднаш дремеле за време на лет во изминатите неколку месеци. Речиси три четвртини тоа го прават редовно, дури и на кратки релации. Причината е исцрпеноста од набиениот распоред на летови што го диктираат авиокомпаниите, особено во летните месеци. За среќа, никој не спиел на летнување или приземјување. 

Германскиот синдикат на пилоти ја спровел анкетата за интерни потреби и истакнува дека таа не е репрезентативна, но резултатите се впечатлива и загрижувачка последица на зголемениот замор поради набиениот распоред.

На долгите летови редовно дремеле 56% од пилотите, но 44% имале потреба за тоа и на кратките. Од 900 анкетирани пилоти 12% дремеле на секој лет, 44% тоа го прават вообичаено, 33% понекогаш, а 3% барем еднаш. Во анкетата биле опфатени пилоти главно од Луфтханза (481), но и од речиси сите други авиокомпании што оперираат во Германија.

Дремењето е норма во кабините на германските авиони. Кратката дремка не е критична, но исцрпениот екипаж претставува значителен ризик, изјави Катарина Диселдорф, потпретседателка на Vereinigung Cockpit, синдикат кој застапува 10.000 пилоти, копилоти, кандидати на обука и друг персонал. 

Таа објаснува дека кратката дремка во контролирана фаза од летот понекогаш се препорачува како начин за обнова на концентрацијата, но веќе се користи како редовна реакција на притисокот врз пилотите, кој особено се зголемува на лето, кога фреквенцијата на летови е поголема.

Пилотите пријавуваат дека се екстремно исцрпени. Главната причина е немањето доволно персонал, зголемениот оперативен притисок и зачестените летови, вели Диселдорф.

Синдикатот на пилотите укажува дека дремењето е симптом на заморот, е не решение. Исцрпеноста е безбедносен ризик и авиокомпаниите, регулаторите и политичарите мораат сериозно да го сфатат заморот како безбедносен фактор, наведува синдикатот.

Прописите на ЕУ за ограничувања на времето на лет им овозможиле на авиокомпаниите да ги поместуваат границите до максимум. Иако тоа не била целта на прописите, станала воспоставена практика.

Систем за управување со ризик од замор базиран на наука (FRMS) не смее да се води само од комерцијални интереси. Мора да се базира на научни наоди и да ги вклучува искуствата на екипажите, заклучува Диселдорф.

11 септември 2025 - 10:18