
Развивањето презбиопија (тешкотии во фокусирањето на блиски предмети) е вообичаена кај луѓето кога ќе надминат 40 години. Се јавува кога леќата на окото станува помалку флексибилна. Наједноставното решение се очилата, а најекстремното, воедно и најскапо, е хируршка интервенција.
Експерти во Аргентина ја истражувале употребата на капки за очи што содржат пилокарпин, лек кој ги стеснува зениците и го контрахира мускулот што ја контролира формата на леќата на окото за да овозможи фокусирање на предмети на различни растојанија. Во капките има и нестероиден антиинфламаторен лек диклофенак (НСАИЛ).
Во студијата учествувале 766 лица кои ги користеле капките два пати на ден, обично по будењето и околу шест часа подоцна. Тие биле поделени во три групи. Секоја имала фиксна доза на диклофенак, а концентрацијата на пилокарпин варирала од 1% до 3%. Еден час по давањето на капките, пациентите покажале просечно подобрување од 3,45 линии на стандардната карта Јегер што се користи за тестирање на визуелната острина во близина.
Од 148 пациенти на кои им биле дадени капки пилокарпин од 1%, речиси сите можеле да прочитаат две или повеќе дополнителни линии. Во групата со двојно поголема концентрација, 69% од 248 пациенти можеле да прочитаат три или повеќе дополнителни линии, а во групата со тројна концентрација 84% од 370 пациенти можеле да прочитаат три или повеќе дополнителни линии.
Сегашните решенија како очила за читање или хируршки интервенции имаат ограничувања, вклучувајќи физички и социјални непријатности и потенцијални ризици или компликации. Нашиот најзначаен резултат покажа брзи и одржливи подобрувања во видот во близина за сите три концентрации, изјави докторката Џована Беноци, директорка на Центарот за напредни истражувања за пресбиопија во Буенос Аирес.
Резултатите од студијата биле претставени на конгрес на Европското здружение на хирурзи за катаракта и рефракција во Данска. Притоа било истакнато дека подобрувањето на видот по третманот со капки може да трае до две години. Најчестите несакани ефекти биле привремено заматен вид, иритација и главоболки.
Професорот Буркхард Дик од Универзитетската очна болница во Бохум во Германија, предупреди дека не се препорачува долгорочна употреба на пилокарпин поради зголемениот ризик од несакани ефекти како намален вид ноќе или при слаба светлина, напрегање на очите, иритација и, во ретки случаи, одлепување на мрежницата. Продолжена употреба на НСАИЛ може да претставува ризик за рожницата.
Беноци објави дека има и други пациенти кои го примаат третманот повеќе од десет години, за да може да се сумираат подобрувањата и несаканите ефекти од долгорочно користење.