
Првиот запишан доказ за можните несакани последици од mindfulness (по наше „внимателност“, односно медитација базирана на будизам, кога човек се фокусира да биде свесен на тоа што го чувствува и го сознава во моментот) бил во светото писмо Дхарматрата. Древните будистички автори забележале извештаи за симптоми на депресија и анксиозност што можат да се појават по медитацијата. Детално опишуваат когнитивни аномалии поврзани со епизоди на психоза, дисоцијација и состојба кога луѓето го чувствуваат светот околу себе како нереален.
Научните истражувања во оваа област што зачестија во изминатите години потврдуваат дека несаканите ефекти не се ретки. Студија од 2022 година на 953 луѓе во САД што редовно медитирале, покажала дека над 10% имале ефекти што негативно влијаеле врз нивниот секојдневен живот и траеле најмалку еден месец.
Анализа на истражувања во период од 40 години како најчести несакани ефекти ги издвојува анксиозност и депресија, а поретко психотични или делузивни симптоми и чувство на страв или ужас. Било забележано дека несаканите ефекти може да има и кај луѓе што претходно немале проблеми со менталното здравје.
Причината за молкот за овие истражувања веројатно е во популарноста на медитацијата. Професорот по менаџмент и ракоположен будистички учител Роналд Пурсер во својата книга „МекМиндфулси“ забележува дека внимателноста станала еден вид „капиталистичка духовност“. Индустријата на медитацијата, само во САД, е проценета на 2,2 милијарди долари.
Многу инструктори за медитација се убедени дека овие практики можат да направат само добро и воопшто не знаат за можните несакани ефекти. Најчестата изјава што ја слушам од луѓе кои претрпеле негативни ефекти е дека учителите не им веруваат. Обично им препорачуваат да продолжат да медитираат и симптомите ќе исчезнат. Во нивен прилог е тоа што истражувањата за безбедно практикување медитација почнаа неодамна, па сè уште нема јасни совети што можат да им се дадат на луѓето, забележува Мигел Фараис, професор по експериментална психологија на Универзитетот Ковентри.
Во САД веќе е воспоставена клиничка служба посветена на луѓе кои доживеале акутни и долгорочни проблеми од медитација.
Ако медитацијата се користи за благосостојба или терапевтска алатка, јавноста треба да биде информирана за нејзиниот потенцијал за штета, предупредува Фараис.
******
Види и: Будисти: да ги мафнете апликациите за медитација од будизмот
Дали медитацијата може да биде штетна?