Системот за порамнување BRICS Pay е дигитална платформа дизајнирана да ги поврзе националните платежни системи, а во иднина и дигиталните валути на централните банки. Инспириран е од бразилскиот Pix, еден од најуспешните системи за плаќање во реално време во светот.
Трговските и финансиските трансакции би се обработувале без да се поминува низ клиринг на долари или системи како SWIFT, кои доминираат на Западот. Би овозможил директна обработка на плаќања во рубли, јуани, рупии, реали и ранди.
БРИКС нема да има единствена валута, но ќе има унифицирана платформа за плаќање“, објаснува рускиот сенатор Владимир Џабаров.

Проектот добива на важност за време на актуелното претседателство на Индија. Според руски извори, економскиот притисок од САД со закани и царини го поттикнал Њу Делхи да им даде приоритет на прашањата за финансиски суверенитет. Индиската Банка на резерви бара прашањето за поврзување на националните банки да се вклучи на агендата на самитот на БРИКС во 2026 година.
Ова е прв формален обид на земјите од БРИКС да воспостават систем за вмрежување на централните банки, што потенцијално би можел да ја подобри економската соработка меѓу членките. Фокусот се поместува од дебатите за симболичната валута кон функционални и технички изводливи решенија, наведуваат индиски финансиски аналитичари.
Со пристапувањето на земји како Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Иран, Египет и Етиопија, проектот БРИКС добива дополнителна тежина. Проширениот блок ги обединува не само големите економии во развој, туку и клучните извозници на енергија. Финансиските трансакции со алтернативни валути на доларот добиваат сè поголемо стратешко значење во Москва и Њу Делхи, како и во Ријад и Пекинг.
Сите модели што се дискутираат се технички сложени и многу чувствителни од перспектива на финансиската политика во групата во која има геополитички соперништва и секојдневни регулаторни дебати. Ова особено важи за односите меѓу Кина и Индија. Неколку земји-членки се загрижени за структурната презастапеност на Пекинг и доминантната улога на јуанот во идниот алтернативен финансиски систем.
САД и нивните европски сојузници внимателно ги следат напорите за дедоларизација. Иако функционалната алтернатива на доларот нема да има глобална улога, таа би можела, на пример, долгорочно да ја ослаби моќта на Западот за воведување финансиски санкции. Иако BRICS Pay сè уште не е готов производ, финансискиот проект јасно укажува во една насока: раскинувањето со доларот и воспоставувањето паралелен систем за плаќање се веројатно неизбежни.
