Дали медитацијата може да биде штетна?

Медитацијата денес е мулти-милионски бизнис и панацеа за сите стресови на модерното живеење. Верата во неа некогаш е поголема од фактите кои ги дава науката а некои кругови се сомневаат и во самата идеја дека исклучувањето на мислите е демек добра работа. 

"Мора нешто да признам: мене медитацијата ми е стресна. Ги имам симнато сите добри апликациии за тоа, имам одено на вежби, на семинари. Но, резултатот е ист: секогаш кога пробувам да го исклучам мозокот, тој се вклучува. Неколку минути откако ќе почнам со медитација, јас веќе правам листи што треба дента да направам, фантазирам за романот кој сакам да го напишам, мислам каков дечко би ми бил некој познат фраер", пишува Ана Харт во Телеграф признавајќи дека таа и медитацијата никогаш не успеале да функционираат заедно.

Вели дека по ваквите неуспеси, секогаш ја обвинува својата расеана глава или пак се кае што изгубила време седејќи на душек наместо да направи нешто паметно за себе и блиските.

А медитацијата денес е магичен збор за решавање секакви проблеми, од стрес до анксиозност, од гнев до депресија. Зборот се наоѓа меѓу првите пет Гугл пребарување на тема "Како да....', познати фаци нашироко објаснуваат како медитацијата им помага да го избуткаат денот, таа се користи како алатка за менаџирање на гневот кај затвореници, или пак за зголемување на продуктивноста во компании како Епл, Сони или Икеа.

Денес може да тренирате „сосредоточено јадење" за да ослабете, да земате часови по „концентриран голф" или да платите курс од 5600 евра за да научите како „сочувствително да раководите преку фокусирање на своите мисли".

"Медиумите често ги преувеличуваат студиите кои укажуваат на позитивните аспекти на медитацијата а оние студии кои не доаѓаат до такви резултати биваат игнорирани. На крајот добиваме искривена слика за темата во која нашиот ентузијазам е понапред од фактите" вели психологот Кетрин Вилком, ко-автор на книгата "Апчето на Буда: Дали медитацијата може да те смени?"

Истражувањето спроведено за потребите на оваа книга покажало дека медитацијата и техниките за сосредоточување имаат навистина долга листа на ефекти но, не сите се позитивни.

"Некои луѓе медитацијата ги води кон блажено опуштање но за некои тоа искуство е емотивно стресно па можат да завршат и кај психијатар," велат авторите потсетувајќи на една американска студија според која кај седум проценти од луѓето, медитацијата возвраќа со негативни ефекти, вклучувајќи напади на паника или депресија. 

Еден професор на Оксфорд, пак, се сомнева во самата идеја, прашувајќи се дали потрагата по празно ментално спокојство може да е благородна цел.

"Луѓето не треба да ги исклучуваат мислите, луѓето треба да мислат. Животот треба да биде да излезеш некаде надвор, да среќаваш луѓе и да ги слушнеш нивните размислувања," порачува професор Теодор Зелдин кој смета дека фокусирањето на себе нè спречува да преземеме одговорност и активно да се вклучиме во светот.

 

2 ноември 2015 - 11:05