Касата на Светската здравствена организација се полни со анонимни донации преку Фондацијата СЗО. Вкупниот износ на сумите е милионски, а процесот не е транспарентен, што отвора сомнежи дека анонимните донатори може да бараат противуслуги при креирањето на глобалните здравствени политики.
Кога претседателот Доналд Трамп на почетокот на својот втор мандат го прекина членството на САД во СЗО, тој објасни дека нема да дава пари за организација што е заглавена во корупција и злоупотреба на моќ. Обвинувањата за корупција се продлабочија за време на пандемијата на коронавирусот.
Членството на САД официјално завршува на почетокот на идната година. Вашингтон издвојуваше една петтина од вкупниот буџет на СЗО. Оваа огромна финансиска дупка веќе се пополнува со донации за кои јавноста нема увид. Парите влегуваат преку Фондацијата на СЗО, формирана во 2020 година како дополнителен извор на финансирање, откако Трамп во својот прв мандат го намали учеството на САД.

Новиот механизам ги заобиколува рамките за одговорност и за спречување судир на интереси. Компании, фондации, дури и приватни лица не мора официјално да се регистрираат за да донираат пари.
Тие може да побараат нивните средства да бидат наменети за специфични цели, што ја ограничува моќта за одлучување на Генералното собрание на СЗО. Ова може да има огромни последици врз глобалната здравствена политика, особено кога станува збор за одобрување и препораки за лекови или за безбедноста на храната.
Уделот на анонимните донации во вкупниот приход на Фондацијата на СЗО е огромен. Од вкупно 82 милиони долари, 39 милиони биле од тајни донатори, и тоа исклучиво во износи што надминувале 100.000 евра, што наведува дека потекнуваат од финансиски моќни извори.
За СЗО е многу важно да има поголема транспарентност, особено затоа што кредибилитетот на организацијата значително страдаше за време на пандемијата на ковид, предупредува Софи Харман, професорка по меѓународна политика на Универзитетот Квин Мери во Лондон.