АстраЗенека останала во употреба и покрај 50.000 пријави

Тогашниот британски премиер Борис Џонсон, во 2020 година ја прогласи ковид вакцината АстраЗенека за „триумф на британската наука“ и таа беше клучен елемент во раното воведување на вакцините во Велика Британија. Уште рано се појавуваа извештаи за несакани последици но бројките допрва откриваат дека се работело за доста масовно пријавување.   

Уште од пуштањето во употреба на АстраЗенека, се појавуваа извештаи кои ја поврзуваа со потенцијално смртоносни срцеви проблеми и згрутчување на крвта.

 Сепак, беше повлечена доста подоцна. Компанијата го објасни повлекувањето со „намалената побарувачка“ и другите апдејтирани вакцини кои ги таргетираа новопојавените соеви.

Досега необјавени документи, добиени преку законот за достапност на информациите, го откриваат обемот на пријавени несакани ефекти поврзани со оваа ковид вакцина. 

Тие покажуваат дека само во 2021 година, британскиот здравствен регулатор примил 48.472 пријави за срцеви нарушувања поврзани со вакцината, пренесува GB News иако регулаторот тврди дека  вистинскиот број на срцеви проблеми поврзани со вакцината е само околу 13.000.

Портпаролот не можел да ја објасни разликата па рекол дека подетално се разгледуваат бројките за да се дознае од каде доаѓаат несовпаѓањата. 

Во меѓувреме се дозна и дека посебна владина работна група дискутирала за опасните згрутчувања на крвта уште во април 2021 година. Заклучиле дека иако загриженоста не е без основа, во таа фаза доказите не биле доволни за да се издаде јавно предупредување.

Според записниците од тие состаноци, тие повеќе биле загрижени евентуално предупредување да не го зголеми двоумењето околу вакцинацијата.

За разлика од островот, загриженоста околу згрутчување на крвта беше една од главните причини што од АстраЗенека се откажаа Шведска, Франција, Холандија, Данска, Германија, Италија, Шпанија, Кипар, Луксембург, Кипар и Португалија.

 

24 јануари 2026 - 15:24