Директорот Џеј Батачарја, тврди дека забраната ќе помогне за модернизација на Националните институти за здравство.
Оваа одлука е за унапредување на науката преку инвестирање во револуционерни технологии кои се поспособни за моделирање на човековото здравје и болести. Истражувањата финансирани од даночните обврзници мора да ја одразуваат најдобрата наука на денешницата и вредностите на американскиот народ, соопшти Батачарја.
NIH се најголемиот светски инвеститор во биомедицински истражувања. Батачарја и министерот за здравство Роберт Кенеди уште пред да ги преземат функциите најавија дека ќе работат на ограничување на истражувања со фетално ткиво. Промената на политиката ќе се однесува на внатрешната програма, како и на сите надворешни истражувања, грантови и други проекти поддржани од NIH.
Бројот на проекти кои вклучуваат фетално ткиво од абортуси е во опаѓање од 2019 година. Во фискалната 2024 година, NIH вложила 60 милиони долари во 77 проекти.
Истражувачите финансирани од NIH сè уште можат да користат фетално ткиво добиено од спонтани абортуси. Научниците обично не ги сакаат овие ткива, затоа што спонтаните абортуси може да бидат предизвикани од генетски или хромозомски проблеми. Исто така, технички е потешко да се добие употребливо ткиво од спонтани абортуси.
Меѓународното здружение за истражувања на матични клетки изрази загриженост поради одлуката, оценувајќи дека истражувањата придонесуваат за напредокот на биомедицината.
Истражувањето со човечко фетално ткиво и клеточни линии добиени од него е камен-темелник на биомедицинскиот напредок од 1930-тите. Со децении оваа работа се спроведува со поддршка од двете партии во Конгресот и од сите администрации. Човечкото фетално ткиво е непроценлива алатка за унапредување на нашето разбирање за човечкиот развој, неплодноста и болестите како дијабетес, вирусот Зика, ХИВ и невродегенеративните нарушувања, соопшти здружението.