50 посто калории не стигаат до трпеза

Во 2020 година светот произвел доволно калории за да се нахранат 15 милијарди луѓе - но само половина од тие калории завршиле во чиниите на луѓето. Овој процент сега многу веројатно е уште понизок поради намалената ефикасност на глобалниот прехранбен систем. Уште една студија во која таргет е месото и препорака да се храниме како гулаби. 

Луѓе од универзитетот во Минесота тврдат дека зголеменото производство на месо - особено говедско - и биогорива како што се етанол и биодизел се главните причини за растечката неефикасност па порачуваат дека преминувањето кон поздрава исхрана и намалувањето на производството на биогорива би можело да ја зголеми достапноста на храна без да се користи дополнително обработливо земјиште.

Производството на храна обично се мери во однос на масата, но поинформативно е да се гледаат калориите - количината на енергија во храната. Така е можно да се споредат различните видови храна и да се направи проценка колку од што е потребно.

Истражувачката екипа од Минесота користела податоци од Организацијата за храна и земјоделство на ОН за 50-те најголеми култури во однос на калориите. Овие 50 култури заедно обезбедуваат 97,5 проценти од сите калории создадени низ целиот свет. Тие вклучуваат основни производи како што се пченка и компири, маслодајни култури како што се сончоглед и репка, некои овошја и зеленчуци, вклучувајќи банани и домати, како и какао.

Потоа, тимот користел податоци за тоа колку ефикасно животните ја претвораат храната во месо, млеко или јајца за да пресмета колку калории се губат за време на производството на храна од животинско потекло.

Откриле дека иако вкупното глобално производство на калории се зголемило за околу 24 проценти помеѓу 2010 и 2020 година, бројот на калории достапни за луѓето за јадење се зголемил само за 17 проценти.

Притоа, сите видови месо не се подеднакво „енергетски ефикасни“: една од пораките е дека едноставно преминување од говедско на пилешко месо би го намалило бројот на изгубени калории.

Студијата не го зема предвид отпадот од храна, што е дополнителна загуба на калории. Притоа, не секој отпад од храна е еднаков - намалувањето на отпадот од животински производи, како што е говедското месо, било најважно затоа што многу калории се користат за негово производство. 

28 август 2025 - 09:08