Две години бил болен од ковид

Научници темелно испитуваат маж што повеќе од две години бил болен од ковид-19 за да откријат како вирусот SARS-CoV-2 мутира кога е вгнезден толку долго во исто тело. Пациентот бил специфичен случај – веќе бил имунокомпромитиран кога се заразил со ковид и во крвта имал дваесетина пати помалку имунолошки Т-клетки во споредба со здрав човек.

Болниот маж веќе имал ХИВ-1 во напредна фаза кога се заразил и неговата состојба не била долг ковид – задржување на симптомите откако вирусот ќе исчезне. Вирусната фаза на SARS-CoV-2 кај него траела 750 дена. Во тој период тој имал долготрајни респираторни симптоми и бил хоспитализиран пет пати.

Долгорочните инфекции му даваат време на вирусот да истражува начини како поефикасно да ги инфицира клетките. Откривме докази дека се појавиле повеќе заразни варијанти. Ефикасното лекување на вакви случаи е приоритет и за здравјето на пациентот и за заедницата воопшто, изјави епидемиологот на Универзитетот Харвард, Вилијам Ханаџ.

Мажот на возраст од 41 година се заразил со SARS-CoV-2 кон средината на мај 2020 година. Во тој период тој не примал антиретровирусна терапија, ниту можел да пристапи до потребната медицинска нега и покрај тоа што страдал од респираторни симптоми, главоболки, болки во телото и слабост.

Научници направиле генетска анализа на примероците од вирусот собрани од пациентот во периодот помеѓу март 2021 и јули 2022. Стапката на мутации на вирусот кај пациентот била слична на онаа што била регистрирана во заедницата. Ова ја поддржува теоријата дека мутациите слични на омикрон се развиле од селективни притисоци врз вирусот во телата. 

Пациентот имал само 35 имунолошки помошни Т-клетки на 1 микролитар крв, што објаснува зошто вирусот кај него се задржал толку долго. Здравиот опсег е од 500 до 1.500 клетки на микролитар. Мутациите што се развиле во телото не биле заразни и нема докази дека се префрлиле на друг човек. 

Отсуството на понатамошни инфекции може да укажува на губење на преносливоста за време на адаптацијата кон еден домаќин, забележуваат авторите на студијата.

Тие сепак предупредуваат дека нема гаранција дека други инфекции што се вгнездуваат во тело ќе го следат истиот еволутивен пат.

15 септември 2025 - 14:52