Исламистичката секс секта која го поддржува Ердоган

Натенане да се прошетаме низ дречавиот и надреален свет на еден турски секс култ кој е тешка постмодерна: кога не сонуваат за обновување на Отоманската империја, трепкаат со вештачки трепки, праќаат книги по светот, и си играат со кокаин и секс. А во Ердоган го гледаат клучниот лик кој треба Турција  да ја направи модерна и религиозна.

Харун Јахја е месијански лидер на еден апокалиптичен исламски секс-култ. Истовремено тој е и сопственик на турскиот телевизиски канал A9 и водител на сопствено верско ток-шоу, кое може да ве извади од памет. Целата сцена и сите во неа сјаат како озрачени со ултравиолетови зраци. Пет  жени обично се ководителки на шоуто, носат лажни трепки во боите на виножитото, перики и ропска Версаче-облека начичкана со дијаманти. Позадината е заслепувачки и лажен градски пејзаж. Разговорите често се фокусираат на тоа дека материјализмот и дарвинизмот се мртви, како да го препознаеш лицето на вистински муслиман и како турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган - со кого се шпекулира дека водителот е во пријателски односи - е „една од најважните личности во ерата на Крајот на светот“.

Харун Јахја носи Армани и му се обраќаат исклучиво со „господару мој“ или „султану“. Неговото вистинско име не е Харун Јахја, иако така ѝ е познат на публиката надвор од Турција. Во реалноста, тој е Аднан Октар, и во моментов е светска икона на исламскиот креационизам. Тој е именуван за еден од 50-те највлијателни муслимани во светот, а пишува и статии за Хафингтон пост. Потрадиционалните свештеници почнуваат да изразуваат загриженост за неговото растечко влијание во муслиманскиот свет.

Како и повеќето креационисти, Октар и неговите следбеници веруваат дека дарвинизмот е зло. А, како и голем дел од американските евангелисти, тие се вешти во уметноста на телевангелизмот и масовното рекламирање верски материјали. Сектата до денес има продуцирано повеќе од 300 книги, меѓу кои и „Атласот на Создавањето“, кулминација на антиеволуциското учење, од 800 страници. Во промотивното видео за ова „ремек-дело“ се тврди дека објавувањето на книгата имало „влијание на атомска бомба“: според една „научна“ студија, пред да биде објавен Атласот, вкупно „90 отсто од Европејците верувале во еволуцијата“. Откако „Атласот на Создавањето“ станал достапен на девет различни јазици „само 10 отсто од Европејците сè уште веруваат во дарвинизмот“.

Иако книгата тежи 5,4 кила, Јахја и соработниците решиле да ја дистрибуираат, во Обединетите нации, американскиот Конгрес и во безброј биолошки универзитетски оддели низ целиот свет.

„Во нашата земја ние сме навикнати на бесмислици како ова“, вели Кевин Падиан, професор по интегративна биологија на универзитетот Беркли. Неколку негови колеги, кои исто така го добиле Атласот, биле зачудени од тоа „каков куп глупости е ова“.

Ерв ле Гијадер, професор по еволуционистичката биологија на Универзитетот во Париз VI, предупреди дека софистицираниот и привлечен дизајн на книгата „може да се покаже ефикасен“ во влијанието врз јавноста. „Научната содржина на оваа книга е патетично несоодветна“, заклучи тој.

Ана Рос Солберг, научничка по религија што ја има напишано единствената докторска дисертација за групата, вели дека се проценува дека сектата на Октар има само 30-тина основни следбеници, и „уште 200 до 300, повеќе или помалку вклучени во активностите на групата“. Но Аднан Октар има многу, многу повеќе приврзаници во целиот свет - благодарение на интернет. Неговата група работи на стотици веб-сајтови и неколку јутјуб-канали - турскиот канал има повеќе од 100.000 следбеници. Тој, исто така, има околу 38.200 следбеници на Твитер, а и бланшираните дречливо нашминкани русокоси што се појавуваат во неговата емисија имаат десетици илјади приврзаници. Групата од 30 најверни следбеници живеат заедно со Октар во луксузен комплекс во Истанбул, каде што тој лично го има избрано секој елемент во куќата, сè до Фенди-перничињата од 1.200 долари прошарани со 2.000 Сваровски кристали.

Антропологот Даниел Мартин Вариско ја опишува теологијата на групата како „сексуализирана Дизни-верзија на исламот“, а шоуто знае да биде и по малку хомоеротско. Повремено се појавуваат и двајца згодни близнаци по име Ондер и Ендер, кои обично носат исти припиени маички и прекумерна бронзена пудра. Камерата е втренчена во овие две декоративни сфинги додека Октар ја фали нивната мускулеста убавина. Жените - кои Октар ги вика „мачиња“ или „харем“ - на промотивните фотографии заедно позираат во отворено сексуални позиции, често во комбинација со слогани како „Го прочитав Куранот“ испечатени на сликите како на разгледници.

Сето тоа изгледа како цртан филм, но емисијата сè уште успева да привлече голем број значајни професори, политичари и други познати луѓе што веројатно би требало да се попаметни од тоа. Бидејќи Октар проповеда некоја своја форма на неоотоманизам, и се гледа себеси како своевиден султан, многумина од неговите гости се од Балканот. Не сите од нив отпатувале во студиото во Истанбул за да посведочат на чудната атмосфера на секс-култ, но секој од овие луѓе засекогаш ќе остане на една или повеќе „стотици веб-сајтови“ на Харун Јахја: поранешниот српски премиер Мирко Цветковиќ, српската заменик-министерка за надворешни работи Слаѓана Прица и ректорот на Универзитетот во Призрен Мазлум Баралиу. Покрај балканските личности, тој се сретна и со Мадона, и тврди дека неговиот „Атлас на Создавањето“ предизвикал раперот Баста Рајмс да го прифати исламот.

Еден од плановите на Аднан Октар е да го предводи создавањето на нешто што тој го нарекува „турско-исламска унија“, чии првични мапи покажуваат дека би покривала само околу половина од Источната хемисфера. Како и членовите на сегашната конзервативна влада на Турција и меѓународната верска заедница позната како Движењето на Ѓулен (со кое турското раководство води мошне јавна борба за моќ), Октар смета дека Турција треба да биде во центарот на новиот глобален ислам и често им се препушта на експанзионистички фантазии за воскреснување на Отоманската Империја.

Булент Арас, професор по меѓународни односи на Универзитетот Ишик, ја опишува нивната цел како „исламизирање на турскиот национализам и турцифицирање на исламот“. Во Армани облечениот Аднан Октар споделува и други вредности со сегашното турско раководство: немилосрден консумеризам, што се гледа во опсесијата на Ердоган да урива паркови и јавни простори за да гради трговски центри, во комбинација со новото пропагирање на религиозноста.

Но има шпекулации и за уште подлабоки врски меѓу Октар и Ердоган. Конзервативниот Ердоган својата политичка кариера ја почна како градоначалник на Истанбул пред 20 години. Токму тогаш тој воспоставил профитабилни и заемно корисни односи со Октар и со членовите на неговата секта - во 1995 и '96 компаниите од Октаровата сфера на влијание направиле големи бизнис-зделки со општините под контрола на тогашната партија на Ердоган, Партијата за благосостојба, особено во Истанбул и Анкара. Баш во тие години приврзаниците на Октар стекнаа голема економска моќ. Следбениците дури основаа претпријатија и во Дубаи.

Други, пак, велат дека членовите на групата отвориле бизниси во Централна Азија со помош на водечките турски инвеститори и парите што овие ги украле од своите богати родители. Се разбира, добивката се влевала во претпријатието на Харун Јахја.

А во октомври 2013, кога Ердоган го посети Призрен за да го поддржи својот косовски колега Хашим Тачи пред локалните избори, членовите на сектата му пријдоа на тогашниот премиер со копија од „Атласот на Создавањето“. Ердоган беше фотографиран со огромната книга кратко време по неговиот контроверзен говор „Косово е Турција, Турција е Косово“. Потоа, следбениците ги преплавија Тачи и албанскиот премиер Еди Рама. Тачи имаше доволно среќа да се дограби до столче безбедно пикнато во ќош, но Рама им беше комплетно изложен на евангелистите на Октар, кои му дадоа неколку од изданијата на Харун Јахја. Рама целата средба ја издржа џентлменски, а Октар две ноќи по ред гордо ги пушташе видеоснимките од Призрен во своето ток-шоу.

Некои велат дека влијанието на сектата е „клучен дел од пропагандната машинерија на турските исламисти“. Исламот презентиран во шоуто на Октар секако ја артикулира Ердогановата визија за „модерна и религиозна“ Турција. Навидум недоследно  (некои жени носат хиџаб, додека други се по долна облека) шоуто го отелотворува она за што владејачката партија смета дека е слика на едно слободно општество, во кое никој не треба да биде принудуван да се облекува на некој посебен начин. Минато е строгата секуларна ера кога мажите мораа да си ги кастрат брадите и да ги фрлат црвените фесови. Се разбира, ова истовремено значи да им се дозволи на жените да носат хиџаб. Во Турција, забраната за носење шамии во јавните институции беше укината дури лани.

Освен ток-шоуто, телевизиската станица и над 55-те илјади страници печатени материјали произведени и дистрибуирани низ целиот свет, групата има направено и околу 175 документарци, меѓу кои и „Пропаста на дарвинизмот во Европа“ и „Кристалниот череп; дело на вонземјани?“ Секако, за создавањето на толку многу видеа, и за истражувањето, пишувањето, уредувањето и печатењето на 300 наслови на повеќе јазици, плус за трошоците за меѓународна достава, мора да се потребни многу пари. Но и понатаму останува мистерија од каде Октар ги добива парите за да ги одржува во функција добро подмачканите машини на Харун Јахја, иако некои сè уште сметаат дека помогнале поволните бизнис-зделки со Ердоган и неговиот внатрешен круг.

Во 1979, младиот Аднан заминал од својот секуларен дом од средната класа во Анкара и тргнал во уметничко училиште во Истанбул. Во тој особено насилен период од турската историја (смртоносни напади, во просек по десет убиства на ден, државен удар, атмосфера на верски фундаментализам и сепаратистички аспирации), на Октар му станало досадно на часовите по внатрешен дизајн. Тогаш почнал да држи говори, протестирајќи против Чарлс Дарвин и масонството. Набргу мала група студенти почнале да го следат наоколу и тој веќе ги имал темелите на една нова верска заедница.

Потоа тие рани следбеници решиле да почнат да регрутираат физички привлечни членови на истанбулската младина, космополитската елита, богати деца на славни луѓе.

Групата се собирала во вили и луксузни кафе-барови во најбогатите предградија на Истанбул, каде што Октар опсесивно ги вадел од нафталин старите еврејско-масонски заговори.

Внатрешната организација на Октаровата заедница од минута во минута сè повеќе личела на култ. Октар почнал да ги ревидира традиционалните исламски практики. Во доцните 1980-ти, тој одлучил дека членовите треба да се молат три пати на ден, наместо петпати, а дека неговите женски следбеници треба да ги тргнат превезите. Тој ги поттикнувал следбениците да ги прекинат сите врски со членовите на семејствата што имале поинаков став - но само откако ќе ги исцеделе банкарските сметки на своите родители. Со овие измени дошло и значителното либерализирање на сексуалните обичаи, иако една дезертерка од групата потсетува дека имало „строга хиерархија“ во однос на интимностите во самата група:

„Имаше 'сестри', 'конкубини' и 'браќа'“, објаснува таа. „На браќата им беше дозволено да се женат со конкубините, додека сите сестри беа венчани со Аднан Октар.“

Групата почнала да купува имоти на плажи во ексклузивните одморалишта на Мраморно Море, каде што сексот можел да се користи како алатка за регрутирање. На крај тие нашле постојана летна вила во градот Силвири.

Крајбрежниот имот на Октар во Силвири бил декориран по негов вкус - со „тешки антиквитети, злато и скапо дрво“. Тој наводно имал и зоолошка градина „со камили, коњи и две вештачки езера“.

Во 1990-тите турската влада станувала сè посекуларна, па Октар и неговите следбеници се приспособиле. Почнале да се рекламираат како про-Ататурк националисти и го криеле своето исламистичко минато. Тоа не го заштитило Октар од апсењето за поседување кокаин. Тој вели дека државните безбедносни служби му ја подметнале дрогата во храната. Иако на тестот за кокаин бил позитивен додека бил во притвор, подоцна бил ослободен од сите обвиненија. Тој сè уште инцидентот го нарекува „кокаинскиот заговор“. Но бивши членови на групата велат дека употребата на кокаин била вообичаена и дека била користена за да се привлечат потенцијалните регрути.

Кон средината на 1990-тите сектата ја засилила својата кампања против дарвинизмот. Тие дистрибуирале летоци со осуди кон професори што предавале за еволуцијата, нарекувајќи ги „маоисти“. Почнале да организираат меѓународни креационистички конференции, поканувајќи христијански евангелисти од САД. Тоа било првиот обид на Октар за „меѓуверски дијалог“ - уште една идеја што ќе добие централно значење во современите практики на групата.

Потоа, во 1999 година, околу 2.000 турски полицајци истовремено извршиле полноќни рации во 40 населби низ Истанбул, пребарувајќи 38 дома за кои се мислело дека ѝ припаѓаат на сектата.

На крај, Октар и неколку следбеници биле однесени во притвор. Од времето на неговото апсење, Октар цели шест години не беше виден во јавноста.

Обвинителството подготвило документ во кој се опишани обвинувањата против Октар: во него било наведено дека на жените им било наложувано да практикуваат давање орален секс на одредени луѓе, дека една поранешна членка била присилена да има секс со 16 луѓе и дека во секоја спална соба биле поставени скриени камери за Октар да може да ги снима своите следбеници додека имаат секс и да ги уценува со снимките ако некогаш се обидат да ја напуштат групата. Имало описи и на секс-забави на кои младите жени биле убедувани да имаат секс со моќни политичари и други влијателни луѓе, за Октар да може да ги сними и да ги користи снимките за да го манипулира човекот „да дејствува во интерес на групата“. Членовите на сектата биле принудувани и да им даваат редовни сексуални услуги на Октар и на други.

Ебру Шимшек, модел и уште една дезертерка, исто така го обвини Октар за малтретирање. Тој одговори со поднесување на речиси 300 тужби за клевета против неа.

Овојпат, Октар помина девет месеци во затвор без судење. Тој цело време тврдеше дека е невин. По неговото ослободување, тврдеше дека го мачеле додека бил во притвор. Неколку следбеници го тврдеа истото. На крај случајот го реши Европскиот суд за човекови права кон крајот на 2012 година. Иако судиите утврдија дека нема докази дека бил мачен, ѝ наложија на турската влада да им плати на следбениците на Октар по 16.250 евра по човек, зашто не успеале да го испитаат случајот навреме.

Многу членови се почувствуваа понижено поради медиумскиот циркус околу сексуалните обвиненија и на почетокот на овој век ја напуштија сектата.

Но тоа нималку не знаеше згаснување на групата околу Октар. Токму тогаш неговата меѓународна публика почна брзо да расте заедно со интернетот. Октар виде уште една шанса за себе по нападите на 11 септември: муслиманите беа маргинализирани и неразбрани. Повеќе од кога било, изгледаше дека многумина на Западот се убедени дека сите муслимани се терористи, страсно посветени на уништување на Израел и на насилен џихад.

Така, Октар и неговите следбеници ненадејно одлучија да се откажат од своите долгогодишни антисемитистички ставови и направија сè што можеа за да ги избришат сите траги од нив во своето минато. Потоа им пристапија на конзервативните израелски групи, претставувајќи се како умерени, западни, произраелски муслимани. И успеаја. Дури и десничарските израелски политичари, амбасадори и поддржувачи на Израел го гледаа Октар како „добар муслиман“ и редовно гостуваа во неговата емисија. Во една незаборавна епизода гости му беа дури и група масонски големи мајстори, облечени во комплетните костими.

Во последниве години тој исто така се занимаваше со тужби. Пред Ердоган да му се намерачи на Твитер во Турција, Октар го имаше блокирано пристапот до Вордпрес во земјата. Успеа да ги забрани и сите Гугл-групи откако на една од нив откри коментари со потенцијално „клеветнички“ карактер. И успешно ја блокираше веб-страницата на познатиот еволутивен биолог Ричард Докинс.

Докинс е можеби најпознат по својот нескриен атеизам, а еднаш во Лондон одржа говор за делото на Октар, „Атласот на Создавањето“, во времето кога беше тужен. 800-те страници на Атласот се исполнети со фотографии на фосили со висока резолуција и со нивните наводни денешни еквиваленти - за кои излезе дека некои се слики украдени од веб-страница на производител на пластични мамци за риболов. Меѓутоа никој во седиштето на Харун Јахја не се потрудил во Фотошоп да ги тргне пластичните мамци од сликите со античките „фосили“.

 

19 април 2017 - 17:03