
Луѓето денес се главна движечка сила на еволуцијата, се тврди во ново истражување предводено од Сиприен Муро, археолог од Универзитетот во Монпелје.
Користејќи над 81.000 физички мерења на остатоци собрани од 311 археолошки локалитети, тимот на Муро утврдил дека домашните животни, како кокошките, свињите и говедата, значително се зголемиле во текот на последниот милениум, а дивите животни, како лисиците или елените, се намалиле.
По пресметка на разни фактори за животната средина во текот на 8.000 години, вклучувајќи ги климата, вегетацијата и користењето на земјиштето од страна на човекот, било заклучено дека спротивните трендови во еволуцијата одеднаш се забрзале во текот на последните 1.000 години, што се совпаѓа со бумот во земјоделството и урбанизацијата.
Како што растечката човечка популација ја десеткувала и ја фрагментирала дивината, достапните ресурси се намалувале. Во комбинација со зголемениот лов, дивите цицачи и птици, и тревопасни и месојадни, биле под зголемен притисок за селекција што предизвикало намалување и на нивниот број и на големината на телото, објаснуваат истражувачите.
Во меѓувреме, луѓето ги фаворизирале домашните животни, кои им биле побезбедна исхрана. Поголемите овци произведуваат повеќе волна, покрупните говеда повеќе месо и поголемите кокошки повеќе јајца. Масата на домашните кокошки денес е три пати поголема од биомасата на сите диви птици заедно.
Други неодамнешни студии покажаа несакани последици од човечките активности што ги менуваат телата на други диви животни. Многу видови риби и китови сега се 20% помали како последица на прекумерниот риболов, а и нивните животни циклуси се исто така пократки во просек за 25%.
Сето ова е директна последица од тоа како луѓето ги искористуваат природните ресурси без предвидување на идното влијание врз животната средина. Студија од 2021 година покажа дека животинските видови од кои човекот нема директни придобивки имаат поголема веројатност да имаат клучна улога во одржување на стабилноста на екосистемот – која е неопходна и за опстанокот на луѓето.