Живот и забава

Бакарот е клучен за Паркинсоновата болест

Хранењето на невроните со бакар драматично помага да се намалат оштетувањата на мозочните клетки, покажува ново истражување спроведено кај лабораториски глувци. За експертите тоа е ветувачки знак дека додавањето бакар во организмот може да биде ефикасен за луѓето што страдаат од Паркинсонова болест, слично на инсулинот или додатоците од железо против анемија.

Четбот растурил 30 математички генијалци

Јазичен модел со вештачка интелигенција на ОпенАИ ги оставил вџашени врвните математичари што тајно се состанале за да го тестираат. Без проблем ги решавал сите равенки и задачи што му ги составиле, дури и некои од најтешките проблеми во математиката. Генијалците договориле награда од по 7.500 долари за секоја задача која ботот нема да може да ја реши. Не се опариле многу.

Во некои испрани и спакувани салати има паразит кој џвака мозок

Дури и кога се прочистени со стандардните процедури, зелените салати на продажба во супермаркети низ цела Европа содржат отпорни паразити. Кога ќе се навлезат во човек, трајно се вгнездуваат и ги нагризуваат мозочните клетки. Сегашните европски прописи за безбедност на храната се фокусираат на бактериска контаминација и не налагаат тестирање за паразити во свежи производи.

Чистиот воздух го забрзува глобалното затоплување

Глобалното затоплување се забрза од околу 2010 година, што доведе до неодамнешната низа рекордно топли години. Но, причините за тоа не се само во загадувањето предизвикано од луѓето, покажува ново истражување. Напротив. Со чистењето на смогот од големите градови и индустриските центри се отстранува вештачкиот чадор што ја штити површината од сончево зрачење.

Од инфаркти се умира сè поретко, ама од срце сè почесто 

Благодарение на огромниот медицински напредок во третманот на срцеви удари, смртноста од срцеви заболувања во САД и Европа значително се намали во последните децении. Но, нова студија открива вознемирувачки тренд: додека инфарктите стануваат сè помалку смртоносни, хроничните болести на срцето, како што се високиот крвен притисок и аритмиите сè повеќе одземаат животи.

Понеделниците му се душмани на срцето

Луѓето што не ги сакаат понеделниците имаат добра причина за тоа. На денот со кој почнува новата работна недела се зголемува анксиозноста. Научници докажаа дека тој стрес остава сериозни траги врз телото и го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Биоритмот толку многу се програмира, што понеделничкиот стрес останува трајно врежан во психата и телото.

Почнаа со волк, ќе дотераат до Џурасик парк

Биотехнолозите што го вратија во живот изумрениот страшен волк (иако е оспорено дека е баш истиот) најавија дека ќе ја оживеат и новозеландската птица моа. Технологијата е малку поразлична, зашто гигантската птица се испилува од јајце. Коски и пари обезбедија од Питер Џексон. На ред чекаат мамутот и додото, но ќе дојде време некој да плати да воскреснат тираносаурус.

Покрај толку талибанци и техерани, Шведска најде да го притиска Онлифанс

Платформата за сексуални содржини и комуникации наиде на очекуван проблем во неочекувана држава. Шведска, земја позната по своите сексуални слободи, со широка партиска поддршка реши да ја криминализира проституцијата во виртуелниот свет. Газдите на Онлифанс молат бога вакво решение да не им се повтори во Америка, каде што се грото „креаторки“, муштерии и пари.

„Народот“ е клучен за победнички слоган

Креативен предизборен слоган знае да придонесе за победа, а несмасно склопените може да уништат кариера на политичар. Темелна научна анализа на слогани од целиот свет покажала дека има неколку клучни зборови им се заеднички на многу успешни кампањи. Но, сами по себе не се волшебна формула за изборен успех. Нема многу да им помогнат на „нехаризматични ѓубриња“.

Хемија во целофан го репрограмира мозокот

Прехранбената индустрија има ефикасна формула да промовира штетна, па и опасна храна како „здрава“, не само со маркетиншки трикови што го лажат окото. Внимателно креирана комбинација од состојки во ултрапреработената храна го репрограмира мозокот за да ја блокира ситоста и да бара повеќе и повеќе храна. Најлошото е што мислиме дека ја контролираме ситуацијата.

Тревога за вакцина што ја примиле милиони Британци

Британската здравствена служба објави „жолт картон“ за две нови вакцини за заштита на стари лица и бебиња од респираторен синцицијален вирус (RSV). Сериозно се пристапува кон ризикот од опасно невролошко нарушување, иако се појавува ретко. Вакцините RSV не се забранети, но внимателно ќе се следат сите несакани ефекти што се провлекле при контролите за безбедност.

На Земјата некако ѝ се брза

Ако денеска не ви стаса време да ги сработите обврските или ако чувствувате вртоглавица, до планетата е. Поради забрзаната ротација на Земјата, oвој 9 јули е пократок за 1,3 милисекунда. Аномалијата ќе се повтори во уште два летни дена. Луѓето нема ни да забележат, ама за научниците и компјутерите е многу важно да ги курдисаат часовниците за да не изгубат некоја милисекунда.

Вадат глифосат од најкористениот хербицид, ќе трујат со друг отров

По лавината критики, тужби и платени милионски отштети за предизвикан рак, фармацевтскиот гигант Баер почна да ја отстранува озлогласената состојка глифосат од најпопуларното средство против плевел во светот Roundup, што го презеде со купувањето на Монсанто. Го заменува со верзија на хербицидот паракват, кој е 28 пати потоксичен и кој е забранет во 70 земји. Не и во САД.

Вакцините за грип добија сериозна конкуренција

Една доза од експериментален лек за грип може да ги заштити луѓето во текот на целата сезона, и тоа поефикасно од вакцините. Повеќе од 5.000 невакцинирани лица што го примиле лекот CD388 биле следени од почетокот па до крајот на сезоната на грип. Највисоката доза на лекот обезбедила 76% заштита, што е подобро од вакцината, која знае и да не погоди сојот на сезонскиот грип.

Нема Холанѓанец без вечни хемикалии во вените

Секој човек во Холандија во својата крв има „вечни хемикалии“, покажа првото национално истражување за контаминацијата со пер- и полифлуороалкили. Највисока била концентрацијата кај оние што живеат близу до хемиските фабрики, но супстанците PFAS што не се разградуваат по природен пат се неизбежни – ги има во почвата, храната и водата низ цела Холандија. 

Мечка страв, псилоцибин не страв

За психоделичното соединение содржано во некои видови печурки, неодамна е откриено дека ветува за третман на некои невропсихијатриски нарушувања, вклучувајќи депресија, анксиозни нарушувања и посттрауматско стресно пореметување. Помага во флексибилноста на однесувањето и го поттикнува исчеснувањето на стравовите. Не џабе ги викаат магични печурки. 

Британските менија добиваат берзантски цени

На британската ресторантска сцена се најавува нешто што веќе познато од концертите. Цената да се одредува динамички,  во зависност од побарувачката. Ако ви е јаде кога на сите им се јаде, ќе платите поскапо. За поевтино, ќе дојдете во бош време. Тамошните угостители признаваат дека најголем проблем сепак им се оние кои ќе фатат маса за цело време да прават фотки за Инстаграм. 

Како големата фармација закопа надежен лек

Слично како и ивермектинот, во битката за профит настрада и диметил-сулфоксидот, кој пред половина век беше прогласен за медицинско чудо поради способноста да ја смири хроничната болка и да помага при разни болести. Но, фармацевтските компании не можеле да го патентираат, па тргнаа во војна против евтиното средство што ги загрозува нивните скапи и профитабилни лекови.

Зачнување на нов проблем со ковид вакцините

Проверувале податоци за 1,3 милиони жени од Чешка, кои пред зачнување биле невакцинирани или вакцинирани за ковид. Утврдиле дека стапката на зачнувања кои воделе до успешно родени деца била, на 1.000 лица, далеку помала кај оние кои примиле вакцина против ковид - 19.   

Сончев систем, добри гости ти дојдоа

Астрономи открија небесно тело од друг ѕвезден систем што талкајќи низ галаксијата упаднал во Сончевиот систем. Сега е на далечина до Јупитер, ќе протатни близу до Марс, но нема да ја загрози Земјата. Од далеку личи на комета. Поради брзината на „натрапникот“, нема да може да го пресретнеме и потемелно да истражиме дали содржи аминокиселини, кои се основните коцки за создавање живот.

Свеста е квантен процес преку кој сме поврзани со целиот универзум

Нашите умови ги чувствуваме како многу приватни и уникатни за секој од нас. Но, истражувачи се на трага на идејата дека нашата свест можеби е поврзана со нешто многу поголемо. За да не го викаме тоа Господ (пошто звучи многу ненаучно), рамката на оваа идеја е сместена во областа на квантните процеси, поточно феноменот познат како квантно вплеткување. 

ФДА одобрува лекови без докази дали дејствуваат

Американската администрација за храна и лекови (ФДА) одобрила стотици лекови без докази дека делуваат, дури и некои што предизвикуваат штета, покажува новинарска истрага. Соочена со политички и индустриски притисок, ФДА ги напушта стандардите за да стигнат лековите побрзо во аптеките. Несакани ефекти од лекови издадени на рецепт сега се меѓу трите главни причини за смрт во светот.

Дремката го забавува стареењето на мозокот

Научници од неколку универзитети открија потенцијална врска помеѓу редовното дремнување и здравјето на мозокот. Нивните наоди сугерираат дека оние човечки „само да дремнам на кратко“ помага да се одржи мозокот млад. Разликата воопшто не е за потценување. Виталноста на мозокот на оние кои сакаат да дремнат преку ден е најмалку 6 години подобра од останатите.

За Амазон работат милион роботи

Џеф Безос најде начин како да ги смири протестите од вработените. Наместо да им ја олесни работата, ги заменува со машини. Не оти и досега Амазонците многу се разликуваа од роботи. Немаа право ни на пауза за тоалет, па си носеа шишенца за мочање. Машините работат неуморно, не бараат поголема плата, не губат време по одмори и боледувања, не се организираат синдикално и не се бунат. Сè уште не.