Одлив на мозоци од администрацијата на Трамп

Американците кои историски имале корист од „одливот на мозоци“ сега се сведоци на овој феномен во нивната влада. Откако аднинистрацијата на Трамп ги скрати трошоците за федералните служби, илјадници високообразувани експерти ги напуштиле државните институции. Владата изгубила доктори на науки со вкупно работно искуство од 106.636 години.

Федералните агенции на САД изгубиле 10.109 експерти на докторско ниво во научно-истражувачките и здравствените области во текот на изминатата година.

Иако оваа бројка е само 3% од над 335.000 федерални работници кои ги напуштиле федералните позиции во 2025 година, тие сочинуваат 14% од вкупниот број на доктори по наука, технологија, инженерство и математика (СТЕМ) вработени во владата на крајот на 2024 година.

Списанието Science го базира својот извештај за одлив на мозоци врз основа владини податоци и детални проверки во 14 истражувачки агенции.

Како најекстремен пример е истакната Националната научна фондација, во која бројот на доктори на науки се намалил за 40% во периодот од јануари до крајот на ноември. 

Science откри дека кастрењата на трошоците наметнати од Канцеларијата за владина ефикасност (DOGE) не биле главниот двигател на егзодусот. Најчестите причини за напуштање на позициите биле пензионирање и на доброволна основа. 

Во Центрите за контрола и превенција на болести, на пример, само 16% од 519 доктори на науки заминале по наредба на администрацијата на Трамп. Некои агенции пријавиле дека воопшто немало присилни откази на докторите на науки.

Федералната администрација не покажува сигнали дека брза да ги пополни празнините со нови таленти.

31 јануари 2026 - 14:36