Разјаснета врската помеѓу вакцините и згрутчувањето на крвта

Меѓународен тим истражувачи открил зошто вакцините против ковид базирани на аденовирус придонесуваат за згрутчување на крвта. Компонентата со аденовирус во вакцината го збунува имунолошкиот систем и го тера да ги напаѓа тромбоцитите кои содржат сличен протеин. Тоа се случува ретко, но може да има и фатални последици.

Кога во 2021 година кулминираше пандемијата на ковид-19, значителен број случаи на имунолошката тромбоцитопенија и тромбоза предизвикана од вакцина (позната како VITT) поттикнаа загриженост за ефикасноста на имунизацијата базирана на вектори на аденовирус. Случаите особено беа поврзани со вакцината од АстраЗенека, што се користеше во Австралија.

Меѓународен тим истражувачи од Австралија, Германија и Канада анализирале 100 пациенти што примиле вакцини против аденовирус и развиле VITT. Заклучиле дека вакцината може да го збуни имунолошкиот систем, кој го меша протеинот на аденовирусот со протеинот наречен тромбоцитен фактор 4 (PF4). 

Кога пациентите ја примале вакцината против аденовирус, нивните системи биле поттикнати да создаваат оптимално антитело за да ја уништи заканата. Бидејќи некои делови од тромбоцитите и аденовирусите имаат сличности, новите антитела почнале да ги уништуваат тромбоцитите наместо аденовирусите.

Сите пациенти што биле опфатени со истражувањето имале ген присутен кај 60% од луѓето со европско потекло, што објаснува зошто VITT предизвика поголема загриженост во западните земји.

Ова беше алката што недостасуваше... Грешката се јавува во исклучително ретки случаи, но разбирањето на точната причина овозможува да се развиваат многу побезбедни вакцини, истакнува докторката Џинг Џинг Ванг од Универзитетот Флиндерс.

Во посебно истражување во 2023 година, професорот Тед Варкентин од Универзитетот Мекмастер во Канада опиша идентично нарушување со PF4, кое имало фатални последици кај пациент со природна инфекција со аденовирус (обична настинка).

Д-р Теодор Варкентин, коавтор на студијата и професор по патологија и молекуларна медицина на Универзитетот Мекмастер, повика на потемелни испитувања поради сомневањата дека и други вируси може да предизвикаат иста состојба.

16 февруари 2026 - 15:15