Пред доста години, влијателниот конзервативен економист Милтон Фридман порача дека мексиканската нелегална имиграција е добра работа за САД.
Овие работници ѝ помагаат на американската економија. Нелегалните имигранти не се во игра за социјална помош, социјално осигурување или други бројни бенефиции што можат да ги добијат американските граѓани. Нелегалните имигранти работат вредно, добри работници се, бараат работа и главно ги фаќаат оние работни места кои повеќето американски граѓани не ги сакаат.
Но, кога ја легализирате нелегалната имиграција, тогаш веќе не е добро, порача Фридман.

Според Институтот за оданочување и економска политика, недокументираните имигранти платиле 96,7 милијарди долари федерални, државни и локални даноци во 2022 година. Поголемиот дел од таа сума, 59,4 милијарди долари, е платен на федералната влада, додека преостанатите 37,3 милијарди долари се платени на државните и локалните самоуправи.
Џон Глајснер во The Hill смета дека дилемата депортација или зелена карта треба да се сведе на прашањето дали еден нелегален имигрант ѝ помага или ѝ штети на американската економија.
Според овој стандард, нелегалните работници кои плаќаат даноци можат да останат, додека оние кои не работат или вршат кривични дела треба да се депортираат.
„Една пресуда за возење под дејство на алкохол, дрога или насилен криминал? Итна депортација. Кривично досие? Депортација. Да се предизвика сообраќајна несреќа без осигурување? Депортација“.
Тој смета дека работодавците на нелегални имигранти може да имаат право да одлучуваат дали нивните работници ќе бидат депортирани. Работната сила во САД вклучува 8,5 милиони недокументирани работници, или околу 4,8 до 5 проценти од вкупната работна сила во САД, концентрирани во градежништвото, сместувањето и прехранбените услуги, производството, земјоделството, управувањето со отпад, малопродажбата и неколку други области.