Помагањето во грижата за внуците може да послужи како третман што штити од когнитивен пад кај постарите лица, тврдат истражувачи од Универзитетот Тилбург во Холандија.
Многу баби и дедовци редовно се грижат за своите внуци, што е поддршка за семејствата и пошироко за општеството. Сепак, ние го разгледувавме прашањето дали грижата може да им користи и на самите баби и дедовци, дали има потенцијал да го забави нивниот когнитивен пад, објаснува главната авторка на истражувањето, Флавија Черечеш.
Со истражувањето биле анализирани податоци за вкупно 2.877 баби и дедовци со просечна возраст од 67 години кои учествувале во лонгитудинална студија за стареење. Учесниците одговарале на прашања од анкета и пополнувале когнитивни тестови три пати помеѓу 2016 и 2022 година.
Меѓу прашањата во анкетата биле и дали се грижеле за внуче барем еднаш во изминатата година и во каква улога – дали ги чувале додека спијат додека родителите се излезени, дали се грижеле кога биле болни, дали им помагале во домашни задачи, им готвеле, ги возеле до/од училиште и дали си играле со нив.
Генерално, истражувачите откриле дека бабите и дедовците кои биле вклучени во интеракции со внуците покажале повисоки резултати на тестовите за меморија и вербална течност во споредба со оние кои не обезбедувале, дури и по прилагодувањето на возраста, здравјето и други фактори. Ова важело без оглед на фреквенцијата и видот на грижата. Кај нив имало и поблаг пад на резултатите на подоцнежните тестови.
Она што ни беше највпечатливо е дека самото чувство на одговорност кон внуците се чини дека е поважно за когнитивното функционирање отколку честотата на посетите и видот на интеракцијата, вели Черечеш.
Експертите додаваат дека се потребни повеќе истражувања за да се реплицираат и да се потврдат нивните наоди, и да се анализираат ефектите од семејниот контекст.
Доброволното обезбедување грижа во рамките на здрава семејна средина, може да има различни ефекти за бабите и дедовците отколку помагањето во стресна средина, во која чувствуваат дека обврската им е наметната или им е товар, се заклучува во студијата.