На поларните мечки им оди дебело добро

Кога научници пристигнале на норвешкиот северен архипелаг Свалбард за да гo испитаат влијанието од климатските промени врз поларните мечки, забележале дека топењето на мразот нема катастрофални последици. Напротив. Мечките биле подебели и поздрави. Се прилагодиле да ловат моржови, чија популација исто така се зголемила.

Поларните мечки зависат од морскиот мраз како платформа од која ловат фоки - оброци богати со маснотии. Резервите од сало на мечките им даваат енергија, служат како топлинска изолација, а на мајките им овозможуваат да ги хранат младенчињата со здраво млеко. 

Колку е подебела мечката, толку е подобро за неа, објаснува водечкиот истражувач, д-р Џон Аарс од Норвешкиот поларен институт.

Научниците, кои следат 770 возрасни единки на Свалбард, откриле дека во периодот помеѓу 1992 и 2019 година мечките станале значително подебели. Во периодот на следење бројот на денови без мраз се зголемил за речиси 100 годишно.

Претпоставката е дека мечките брзо се прилагодиле на топењето на мразот и повеќе ловат плен на копно, како ирваси и моржови. 

Денес има многу повеќе моржови достапни за лов. Тие се официјално заштитени во Норвешка од 1950-тите, откако биле ловени речиси до истребување. Таа заштита го зголемила нивниот број и обезбедила нов извор на масна храна за поларните мечки. Исто така е можно дека мечките поефикасно ловат фоки, кои се концентрираат на помали површини морски мраз, вели Аарс.

Д-р Џон Вајтман, главен истражувачки научник во организацијата Polar Bears International, ги оцени резултатите од истражувањето како позитивни, но тврди дека тоа ќе биде на краток рок. Ако морскиот мраз продолжи да се намалува, мечките ќе мора да патуваат подалеку за да пристапат до ловишта, трошејќи повеќе од своите резерви на масти.

Губењето на мразот значи намалување на бројот на мечки, но оваа студија покажува дека краткорочната слика може да биде многу специфична за регионот, вели Вајтман.

Види и: „Неталасањето“ е заштитено како бела мечка

30 јануари 2026 - 13:00