„Неталасањето“ е заштитено како бела мечка

Научничката која го раскринка митот за изумирањето на поларните мечки остана без работа. После 15 години предавање, нејзиниот универзитет решил да не ѝ го продолжи договорот.

Во документарецот „Незгодна вистина“ на американскиот политичар и подоцна активист Ал Гор за неговите сознанија за климатските промени, едни од највпечатливите сцени беа оние со поларните мечки. Климатските промени на Арктикот доведуваат до изумирање на овој животински вид, предупредуваше филмот.

До неодамна и во научните кругови и во пошироката јавност преовладуваше мислењето дека тие мечки изумираат. Но, подоцна канадскиот зоолог Сузан Крокфорд спроведе детално истражување на темата кое ја доведе до заклучок дека тоа не е вистина. Напротив, бројот на поларни мечки на Арктикот во последните 10 години е зголемен, а не намален. Своите сознанија ги објавуваше на блог и ги систематизираше во книгата „Катастрофата на поларните мечки којашто никогаш не се случи.“

Нејзините истражувања не беа побиени а на многумина научници им ги поремети плановите бидејќи изгубија еден звучен адут во алармирањето на масите.

„Некои колеги не ме сакаат бидејќи често земам резултати од нивните истражувања и ги користам за да ги побијам токму нивните тези,“ вели Крокфорд.

После разни притисоци од различни страни, на крајот оваа докторка по биологија и антропологија ја губи работата на универзитетот во Викторија. После 15 години предавања решиле да не ѝ го продолжат договорот. Вели дека усно ѝ објасниле дека не може да продолжи да предава бидејќи студентите ги учи пристрасно и дека им зборува политички некоректни факти за поларните мечки. Од универзитетот велат дека не постојат писмени докази за нејзините тврдења.

„Според податоците на непрофитната организација World Wildlife Fund (WWF), вкупната популација на поларни мечки моментално се движи меѓу 22 и 31 илјада единки. Во некои арктички подрачја нивната популација е стабилна, некаде е во пад а во две подрачја е во пораст“, констатира хрватскиот сајт за проверка на факти Фактограф.

 

27 октомври 2019 - 07:23