Во САД:

Седум од десет души со рак ја победуваат болеста

Пораното откривање, подобрените здравствени третмани и поздравите животни навики првпат ја кренаа над 70% стапката на луѓе со рак што ја победиле болеста, покажуваат нови статистички податоци за САД. Пред половина век стапката била 49%. Некои типови рак се победуваат во 98% од случаите, но ракот на панкреас го преживуваат само 13% од пациентите.

Во периодот од 1991 до 2023 година, битката со ракот ја добиле 3.256.800 мажи и 1.555.300 жени, според наодите на Американското здружение за рак (ACS).

Оваа важна победа во голема мера е резултат на децении истражувања за ракот, кои обезбедија нови алатки за поефикасно лекување на болеста. Многу типови на рак се претворија од смртна казна во хронична болест, забележува авторката на извештајот, Ребека Сигел.

Податоците се однесуваат на случаите на рак што биле дијагностицирани помеѓу 2015 и 2021 година. Ги опфаќа најактуелните стапки на инциденца до 2022 година и на морталитет до 2023.

Ракот е втора водечка причина за смрт во САД, веднаш зад срцевите заболувања. Вкупните петгодишни стапки на преживување сега достигнаа највисоко ниво откако се следат. Во 1970-ите само 49% од лицата со дијагностициран рак ја победувале болеста. 

Најголеми подобрувања се забележани кај карциномите што се метастазирале на други делови од телото, со двојно зголемени стапка од 17% во 1990-ите на 35% во периодот од 2015-2021.

Стапката на преживување денес е највисока кај ракот на тироидната жлезда (98%), на простатата (98%), на тестисите (95%) и меланомот (95%). Најниска е кај ракот на белите дробови (28%), црниот дроб (22%), хранопроводот (22%) и на панкреасот (13%).

Стапките на инциденца и смртност варираат и врз основа на социјално-економски, расни и етнички разлики. Индијанците имале највисоки стапки на смртност од рак. На пример, нивните стапки на смртност кај ракот на бубрезите, црниот дроб, желудникот и грлото на матката се речиси двојно поголеми од оние кај белците.

Географските фактори зависат од државните и локалните здравствени политики и од достапноста на здравственото осигурување. Смртните случаи од рак варирале од 122-128 на 100.000 жители во Јута, Хаваи, Њујорк и Колорадо, до 178-180 во Западна Вирџинија, Мисисипи и Кентаки.

Смртноста од рак кај децата се намалила од 6 на 100.000 жители во 1970 година на 2 во 2023 година. Морталитетот кај адолесцентите, исто така, значително се намалил од 7 на 3 на 100.000 жители. За ова најмногу се заслужни оптимизираните режими на лекување на леукемија.

Извештајот дава и проекција за инциденцата и морталитетот. Се предвидува дека во оваа година во САД ќе бидат дијагностицирани повеќе од 2,1 милион нови случаи на рак (по околу 5.800 дневно) и речиси 630.000 смртни случаи (околу 1.720 на ден). Најголемата причина за смртност ќе остане ракот на белите дробови, со повеќе случаи од колоректалниот и ракот на панкреас, кои се на второто и третото место според ризикот.

Истражувачите во исто време предупредуваат дека е забележана зголемена стапка на инциденца на вообичаени видови на рак како што се оние на дојката, простатата и на панкреасот.

Заканите за запирање на финансирањето на истражувањата и врз пристапот до здравствено осигурување би можеле да го поништат овој напредок. Не можеме да застанеме сега. Сè уште има многу работа, предупредува Шејн Џејкобсон, извршен директор на ACS.

29 јануари 2026 - 09:59