За научниците и инженерите со години наназад е предизвик како да се исчисти Големата пацифичка дамка од пластика, која по површина е три пати поголема од Франција. И не е само таа. Направени се многу студии за смртоносните последици за живиот свет и од големите, но и од микроскопските парчиња пластика во морињата.

Затоа како шок во еколошките кругови одекна барањето од мала група истражувачи да запрат сите напори за чистење на морињата.
Тие сплавови од отпад не се само ѓубре, туку нешто посложено. Во оваа нова средина веќе се населиле некои морски организми, колективно познати како неустон, предупредува Ребека Хелм, морски биолог од Универзитетот Џорџтаун.
Овој став досега не го поддржала ниту една голема јавна институција, но доби поддршка од помали истражувачки групи.
Неустонот е група организми што живеат на морската површина. Некои се алги или бактерии. Други се мали животни што пловат по горниот слој на океанот. Тие, според Хелм, ретко добиваат внимание, но се критични компоненти во системот за одржување на животот во океаните.
Тие помагаат да се одржи мрежата на исхрана, учествуваат во размената на гасовите помеѓу атмосферата и водените длабочини на морето и ја разградуваат мртвата материја околу себе за да можат другите форми на живот да ја користат. Без нив, многу важни процеси можеби нема да се одвиваат правилно, објаснува Хелм.
Таа е загрижена дека со чистењето на пластиката ќе се изгуби цел екосистем, кој науката не го разбира и нема да може да го истражи.

Тоа би значело дека заради заштита на неустоните „во името на екологијата и науката“ треба да се осуди на бавна смрт обемен и разновиден морски живот. Микропластиката ги полни рибите, ги убива или преку нивните тела завршува кај птиците, цицачите, сè до луѓето. Морските желки, птиците и китовите умираат ако се заглават или ако се „нахранат“ со пластика.